Јуратовиќ и Розман го поздравија видливиот напредок на Македонија

Јуратовиќ оцени дека овој успех претставува и поттик за сите демократски сили во регионот и пошироко и дека официјален Берлин силно го поддржува и активно се залага за целосна имплементација на договорот.

62

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера оствари средба со Јосип Јуратовиќ и Мартин Розман, пратеници во германскиот Бундестаг од партија СПД, како и со претставници од Фондацијата „Фридрих Еберт“, на која изрази благодарност за исклучително значајната поддршка на Германија во изминативе месеци во насока на напредокот на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

Како што соопшти МНР, Димитров изразил задоволство и од важната улога што германскиот Бундестаг ја има во овој процес.

Информирајќи за текот на реформите и имплементацијата на постигнатиот Договор за решавање на билатералниот спор со Грција, Димитров нагласи дека „зголемениот интерес и зачестените посети на официјални германски претставници се јасна порака за тоа каква Македонија нашиот најважен европски партнер поддржува и силно охрабрување за чекорите што мораме да ги изодиме во овој клучен период за нашата земја и нејзините граѓани.“

Германските пратеници Јуратовиќ и Розман го поздравија видливиот напредок на Македонија на планот на реформите и во процесите на приближување кон ЕУ и НАТО, посебно акцентирајќи го постигнатиот Договор со Грција.

Јуратовиќ потенцираше дека договорот претставува „светла точка не само за двете земји, туку и за целиот Балкан и Европа и јасен пример за тоа дека две демократии можат да дојдат до договор и за најкомплицирани прашања, единствено преку отворен дијалог и политика на компромис“.

Јуратовиќ оцени дека овој успех претставува и поттик за сите демократски сили во регионот и пошироко и дека официјален Берлин силно го поддржува и активно се залага за целосна имплементација на договорот.

На средбата беше изразено заемно задоволство од одличната билатерална соработка меѓу Македонија и Германија и позитивната динамика во комуникацијата со претставниците на германскиот Бундестаг, а беа разменети и мислења за актуелни прашања од поширок регионален карактер.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...