Пратеникот во германскиот Бундестаг, Јосип Јурaтовиќ, денеска оцени дека Европската Унија, поради својата безбедност, мора да и даде на Северна Македонија искрена европска перспектива и да ја вклучи во трансатлантските структури.
Претеникот на Социјалдемократската партија на Германија во соопштението предупреди дека Северна Македонија е „многу етнички разновидна” и дека во неа „националистичките сили ќе имаат лесна работа ако населението добие впечаток дека западните земји ги оставиле на цедило”.
– Многу е важно да се создадат услови за Северна Македонија да влезе во НАТО. Помалку затоа што тоа би било од особена воена важност, но многу повеќе затоа што е потребно Северна Македонија безбедносно и политички да се прицврсти во трансатланските структури – наведе Јуратовиќ.
Според него, доколку не и се понуди на Северна Македонија искрена европска перспектива, тогаш ќе ослабнат демократските сили во земјава.
– Ако на Северна Македонија наскоро не и понудиме искрена европска перспектива, ќе ги ослабнеме демократските сили во таа земја, кои ионака се под притисок, а воедно и нашата сопствена стратешка безбедност во Европа – предупреди Јурaтовиќ.