Постигнатиот договор за Брегзит беше единствената можна зделка со Лондон, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, откако претходно денеска Европскиот совет го поддржи договорот и рамката за идните односи со Велика Британија.
– Задоволни сме од постигнатиот резултат, но денот е тажен. Не е време ниту за аплаузи, ниту за шампањско. Сите на денешната седница изразија тага. Пред една година ЕК презеде обврска да преговара со Велика Британија. Тешко беше да се зачува единството на државите од ЕУ. Често имаше притисок од Лондон врз одделни држави од Унијата и соодветната работна група во Европскиот парламент. Имаше проблем и со нашите шпански пријатели, кои многу ги почитувам. Се договоривме и за Гибралтар. Оние кои не се Шпанци, не ја разбираат важноста на прашањето. Постигнатиот договор е добар за Шпанија, истакна Јункер.
Тој повика овој договор да биде поддржан и во британскиот Парламент, бидејќи тоа е единствената најдобра зделка.