Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, му испрати писмо со честитка на новоизбраниот шеф на македонската држава, Стево Пендаровски.
Јункер му ја честита победата на Пендаровски во име на целата Европска Унија.
„Ја користиме оваа прилика за да ја потврдиме уште еднаш недвосмислената поддршка на Европската Унија за европската перспектива на Западниот Балкан“, пишува Јункер.
Тој го охрабрува новиот претседател на Северна Македонија да го продолжи реформскиот пат кон ЕУ на одржлив начин, со оглед на тоа дека овој процес се заснова на заслуги, потсетува шефот на Европската Комисија и го уверува Пендаровски дека земјата ја има „апсолутната поддршка“ на ЕК за неговите напори во таа насока.
„Европската Унија смета дека Преспанскиот договор е извонреден политички успех, тој е круцијален чекор на вашиот пат кон Европската Унија“, оценува Жан Клод Јункер и повторува дека тој претставува модел за помирување за целиот регион.
Европската Комисија му посакува успешен претседателски мандат на Пендаровски и очекува и натаму да соработува со Северна Македонија за градење обединета и просперитетна Европа, се наведува во писмото на Јункер до Пендаровски.