Уште во минатото постоеле луѓе кои не можат да ги искажат своите чувства кон саканата личност. Не е важно дали станува збор за немање храброст, речитост или нешто трето. Пред многу години луѓето праќале стројници ако бендисаат некого, а поединци и сега објавуваат огласи по весници дека бараат партнер со кого би го поминале остатокот од животот.
Во 21. век посрамежливите спасот може да го бараат во апликациите за запознавање. Па така, се случува Јулија го бара Ромео на апликацијата „Тиндер“.
Седумнаесетгодишниот Давор Николоски за Плусинфо вели дека негов другар остварил познанство преку оваа мобилна апликација и сега има успешна врска.
– За запознавање се користат и Инстаграм и Месинџер. Можно е овие апликации повеќе да им помогнат на лица кои бараат некого за една ноќ, но често и на ваков начин се пронаоѓа вистинска љубов. Во секој случај, треба да се внимава. Ваквите апликации се злоупотребуваат секојдневно – нагласи средношколецот.
Според него, можеби повеќе шанси за љубовен состанок имаат млади кои се пофотогенични.
Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, смета оти Тиндер, Бамбл, Хинџ и сличните апликации, може да се користат и за разговор и за нови пријателства.
– Дел од мои блиски луѓе, првите контакти и запознавање ги направиле преку интернет, а потоа се запознале во живо, а денес се во долги и среќни врски – вели Кордалов.
Каде ќе се запознаете е помалку важно. Клучно е, вели тој, како во реалноста ќе функционирате и колку ќе се посветите за врската да успее.
– Во суштина сѐ зависи од природата и карактерот на луѓето. Најчесто интровертните личности имаат потешкотии во остварување на лични контакти и изразување на своите ставови, па верувам дека за нив оваа апликација е предизвик и можност „поотворено“ да комуницираат со останатите луѓе – објасни Кордалов.
Тој нагласи оти може да се предизвика и разочарување ако некому му е важен само физичкиот изглед, а не личноста како комплексна целина.
– Сепак, мора секогаш да земеме предвид дека не секој жител на нашата планета има еднакви можности како останатите. Токму дигиталните платформи можат многу да помогнат и да бидат сојузници на многу луѓе во потрагата по идеални партнери, сродни души, соработници и слично. Интернетот и дигитализацијата во својата основа имаат позитивен импакт врз луѓето, измислени се и се развиваат со цел да донесат позитивни општествени промени и придобивки во секоја пора од нашето дејствување – додаде Кордалов.
Но, како и за сѐ друго, вели тој, и дигиталната ера има свои недостатоци.
– Неодамна од Фејсбук најавија дека тестираат нова опција наречена „Запознавање на Фејсбук“ („Facebook dating“), која ќе се стреми за градење на подлабоки врски, отколку она што се нарекува партнер за една ноќ. Оттаму рекоа дека инспирацијата за ваква нова услуга ја добиле бидејќи милиони луѓе ширум светот на својот Фејсбук профил означиле дека не се во врска. Критичарите веќе започнаа да ја нарекуваат оваа опција „нов Тиндер“ – рече Кордалов.
Тој додаде оти ние сме тие кои ја создаваме технологијата и го полниме со содржини онлајн просторот. За секоја слабост и негативна појава која станала видлива благодарение на технолошките уреди и интернетот, според него, вината повторно се враќа кај човекот.
– На Тиндер секој ќе го најде она што го бара. Таму има вистински луѓе со свои чувства и потреби, а не роботи. Како човек не сакам да судам никому, сметам дека секој лично си го бира својот пат и среќа, а секако никој од нас не може да знае кое е вистинското место каде што ќе ја сретне вистинската љубов. Некој може да бара љубов за цел живот, додека други забава за една ноќ. За мене е важно секој слободно да избира што сака, без да биде присилен на нешто или, пак, да приморува некој друг да прави нешто што не сака – нагласи Кордалов.
Тој рече дека овие апликации имаат напомени за тоа како треба да се однесуваме онлајн и како да ја зачуваме нашата безбедност.
– Треба да се придржуваме до нив доколку сакаме да се заштитиме и да знаеме како треба да постапиме ако станеме жртви на можна злоупотреба. Од пред повеќе од 2 години, Тиндер стави категоризација за негово користење само од страна на лица кои имаат наполнето 18 години – појасни Кордалов.
Апликациите, според него, кај некои ќе разбудат обесхрабрување и намалување на самодовербата, а кај други пак ќе ја зајакнат.
– Ако земеме предвид дека на Тиндер прво се остава можност за оставање позитивна или негативна импресија за нечија фотографија, тогаш работата станува малку покомплицирана. И од аспект на самодовербата, но и од можноста за злоупотреба на фотографии и објавување на нереални слики и градење лажна претстава за себе. Ваквото постапување, кога ќе дојде до запознавање во живо, може да донесе и разочарување, недоверба и несакани реакции – додаде тој.
Кордалов рече дека важно е да се цени позитивната улога која интернетот ја игра во врските на далечина.
– Можеби виртуелно, но сепак во секој миг од денот можете да се слушнете или видите со блиските и саканите личности. Пред само половина век, луѓето морале да чекаат денови, па дури и недели за да добијат писмо од своите сакани, па потоа уште толку за да го испратат својот повратен одговор. Денес тоа се случува за дел од секундата, па дури и на најоддалеченото место на светов – појасни тој.
Кордалов рече дека според статистиките на Тиндер, 85 отсто од корисниците се од 18 до 34 години.
– Секоја приказна е индивидуална, може да се сретнат и повозрасни лица, како и личности кои не ја објавуваат својата точна возраст – нагласи тој.
Според него, инфлуенсерите во нашата ера на дигитализација играат сѐ поважна улога и стануваат нивен рол модел.
– Според истражувањата, кај децата и тинејџерите сѐ поголема улога имаат нивни врсници инфлуенсери, отколку идолите како што генерациите претходно ги поимаа. Младите секогаш следат некој модел на однесување и ги следат трендовите во дигитализацијата, па оттаму тоа што е актуелно, модерно и по малку „забрането“, секогаш им привлекува внимание. Затоа сакам да ја истакнам општествено одговорната улога на јутјуберите и на други инфлуенсери. Тоа е да водат грижа за тоа какви вредности пренесуваат и какво однесување им прикажуваат на младите. Да се биде нечиј идол, да се има влијание, значи многу повеќе обврски и одговорност, отколку слобода да правите буквално што сакате. Нема оправдување за погрешни постапки, независно на која возраст сте, особено бидејќи очите на младите се вперени кон вас и вие сте нивните идоли – посочи Кордалов.
Тој нагласи дека секој родител мора да проучува и дознава многу повеќе отколку детето, за трендовите кои ги носи дигитализацијата.
– Потоа, многу полесно ќе може да го разбере своето дете, да му даде корисни совети и да биде негов идол – заврши Кордалов.