Настрадин Оџа и Итар Пејо слушнале дека пишував за нив во претходната колумна и дека сум ги вселил во Охрид. Пуштиле абер, сакале да ме видат на кафе. Дојди, ми рекоа, во 9 наутро, во „Аквариус“, ден после езерскиот пазарен ден. И самата покана од двајцата итреци беше завиткана во мала загатка.
Дојди после езерскиот пазарен ден?!? Езерото има еден град и две гратчиња, значи три града, значи три пазарни езерски деној. Сите знаеме дека пазарен ден во гратчето Струга е сабота, во гратчето Поградец е во недела а во Охрид е во понеделник. За да сум сигурен дека ќе ги најдам, бев и во недела и во понеделник, но ги најдов во вторникот. Се поздравивме, и тие си продолжија со својот муабет, оставајќи ме да ги слушам.
Пејо: Настрадине, до каде сте со минарето?
Настрадин: Некни едни момци ми рекоа дека убо сме ја изградиле, изгледала многу секси. Ме прашаа некни едни турски туристи каде е Плаошник, јас не знаев, ги пуштив за Имарет. Заминаа, и ги слушав кај што ме оговараат и гласно се смеат. А вие Пејо, со Имарет, до каде сте?
Пејо: Заплавено е, Настрадине, како Плаошник. Богословскиот факултет веќе започна со уписи, но ми кажаа дека невакцинирани студенти нема да примаат.
Настрадин: Вакцинирани против што бе Пејо?
Пејо: Против нео-османизам, слушнав се ширел како морбили. Охрид е балкански Ерусалим, не си чул?
Настрадин: Јас мислев дека Солун е балкански Ерусалим, таму имаше Евреи и синагоги.
Пејо: А тебе, Настрадине, што ти смета Охрид да биде балкански Ерусалим? Што ги мешаш сега Солун и Евреите?
Настрадин: Јас не ги мешам, тие веќе Охрид си биле и Солун си биле и се измешале. Си чул ли за Јудах бен Москони, познатиот охридски Евреин?
Пејо: Е како не сум чул, има негов споменик во Охрид, само што не е уште изграден, и на него пишува – Јудах Леон бен Мозес Москони, роден во Охрид во 1328, познат талмудист кој патувал низ сите три стари континенти. Му бил ученик на Шемариах Елајџа ал-Икрити. Во Египет му бил ученик на Обадиах Мизри кој му бил душевен татко. Потоа бил во Мароко, Италија и Франција, каде што се дружел со Мозес Нарбони и Давид Бонгорон. Љубел филозофија, која ја читал на хибру и на арапски, но бил заинтересиран и за метафизиката, па учел од коментарите на Ибн Езра. Не гледаш ли колку еврејски туристи доаѓаат да го посетат неговиот споменик во Охрид, и тоа уште неизграден? Што мислиш ти, Настрадине, ние во Мариово немаме интернет и гугл?
Настрадин: Го гледам споменикот на Јудах бен Москони, како не го гледам. Ти не прочита на него дека пишува дека го преведувал и Маимонидес, коментирал врз Хипокрит и Аверо? И мислел дека граматиката е многу важна и го иритирале сите кои ја занемарувале. Пејо, извини, како се вели граматички точно, Ирак или Иран?
Пејо: Најточно е Плаошник, а ти можеш аку сакаш да си правиш граматички инает, и да ги упатуваш турските туристи каде сакаш, тие и Имарет да тргнат, Плаошник ќе стигнат, а ти ако сакаш, можеш да им даваш правец од минарето на Али Пашината џамија.
Настрадин: Тој споменикот на Јудах бен Москони, да не е до „Хаџи Кас`м“ џамијата на плоштад?
Пејо: Не е, туку е одма до црквата „Св.Димитрија“ на плоштад, нели сега нам ни е редот. Вие си изградивте секси минаре, сега ние ќе изградиме уште посекси црква на плоштад, и после ви е редот вам… И така во недоглед, дур не го изградиме балканскиот Ерусалим, сосе ѕидот на плачот, сосе наоружани полицајци и самораспрснувачки лам-пиони.
Сакав да продолжам, но реков да пишувам после кафето…