Обвинетиот Игор Југ, во својата реплика на вчерашната изјава на обвинителката Вилма Рускоска, дадена на крајот од завршните зборови во предметот „27 април“, денеска реагираше дека „не е точно тоа што го кажа обвинителката Рускоска дека сакав да го убијам Зоран Заев, и дека за тоа не треба храброст“.
– И самиот Заев, кога сведочеше, го прашав дали е сигурен дека јас сум сакал да го убијам, а тој рече дека тоа е само претпоставка – потенцира Југ.
Обвинетиот Вилијам Михајловски рече дека му е жал што не е тука присутна обвинителката Рускоска, но веројатно, рече тој, оправдано е отсутна ако останала до доцна во ноќта на “Златна бубамара”.
Михајловски пред судот кажа дека информацијата за роднинската врска меѓу браќата Михаил и Стефан Младеновски со обвинителот Коле Штерјов, ја дознал од Михаил.