Јавното сообраќајно претпријатие планира да го поднови возачкиот состав во двете автобази со 100 нови вработувања годинава. Дополнително уште 40 вработувања ќе има во секторот поврзан со поддршка на дејноста (мајстори, машински инженери, лимари…). Уште 30 вработувања ќе бидат реализирани во администрацијата на претпријатието за да се пополнат работни места по различен основ главно пензионирање.
Од ЈСП велат дека ова се само предвидени потреби за нови вработувања кои може и не мора да бидат реализирани во текот на годината.
– Согласно соодветните законски прописи, претпријатието има обврска да изработува годишни планови, но, тоа не значи дека тие секогаш и се реализираат, што зависи од неколку фактори. Колку за пример во 2017 година биле предвидени 233 вработувања, но, ниту едно не се реализирало. Во меѓувреме, од 2014 година, па до денеска, во ЈСП Скопје на неопределено време по пат на јавен оглас се примени 100 возачи, кон крајот на минатата година – велат од ЈСП.
Оттаму додаваат и дека најавената бројкаод 170 нови вработувања е реална и во согласност со природното движење на работната сила и утврдениот обем на работни задачи на претпријатието.
Вработувањата, како што појаснуваат од ЈСП ќе се реализираат во текот на целата година и ќе зависат од моменталните потреби, но моментално нема распишан конкурс за никкаво вработување.
Вчера опозиционата ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ЈСП планира да вработи 233 нови работници кои главно ќе бидат вработени во администрацијата, а само 30 од нив ќе бидат замена за лица кои одат во пензија.