Обвинителката Вилма Русковска мора да даде официјално, институционално образложение за инволвираноста на, како што ги нарекува, „колегите од СЈО“, или во спротивно нека молчи и нека не ја пали јавноста со опасни полуизјави, реагира на Фејсбук, адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.
„Треба јасно и гласно, за да ја разбере и првоодделенче, да објасни зошто против „колегите од СЈО” не е покрената истрага и не се преземаат мерки ако се точни две информациички кои ги пласира на медиуми онака, ко холивудски тизер за трилер:
1. Дека има аудио снимка од „јавен обвинител” кој е вклучен на интерфон додека трае изнудата.
2. Дека предистрагата траела долго и се испитувало дали можеби „сведокот” се обидува да наштети на „колегите од СЈО” (со други зборови, пријавата од сведокот директно ги инволвира СЈО, па мора да се испитува што е точно).
Што се утврдило пред отварањето на истрагата, обвинителке? Сакал ли сведокот да наштети на СЈО или имаме злосторничко здружение?
Ако е утврдено дека не му е целта да наштети, бидејќи му давате статус на сведок (малтене жртва), зошто никој од „колегите од СЈО” не е уапсен при постоење на снимки? Зошто спомнувате дека се слуша при изнудата „разговор со јавен обвинител”, а не кажувате што од тоа сте утврдиле. Вмешаност или не? Како тоа „во иднина може да се прошири истрагата” ако имате снимки? Зошто не ја отворите истрагата против сите инволвирани (постоење на основано сомнение), па врз основа на резултатите да покренете обвинение само против оние лица за кои ќе се уверите дека можете да докажете кривично дело пред непристрасен суд, како во секоја нормална држава? Зошто во официјалниот прес ставот на обвинителството е дека оставката на Катица Јанева е „само лош тајминг”?
Дали „сведокот” со давањето пари обезбедил влијание кај СЈО, си обезбедил куќен притвор и пасош кога му затребал, па отпосле пријавил и ако е така, зошто не е против него покренато обвинение? Јас знам зошто, ама мора сѐ да се објасни, јавно и без стискање на изјави низ заби.
Ма каков е овој обид за правна држава во кој живееме? Ова е една голема трачарница, сред-село, биртија, домашна слава во која се седнати 2 милиони, мезат, пијат и сѐ знаат.
Заслужуваме ли ние како јавност да изградиме доверба во институција која сега ни се пласира како ново-старо СЈО? Како да ја изградиме кога главната обвинителка на медиуми дава изјави од кои може јавноста да шпекулира до бесвест дека истата ги штити „колегите од СЈО” и уште еден куп други сценарија“, напиша адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска.