Обвинителката Елизабета Јосифовска која денеска сведочеше на рочиште во предметот „Рекет“ рече дека освен потписот што го ставила на мислењето со кое му се дало согласност за времена патна исправа на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен во случајот „Империја“, потпишала за привремен пасош и за новинарот Драган Павловиќ-Латас поради болест на близок роднина.
На прашање на Ирена Фрчкоска, адвокатката на Катица Јанева, обвинителката Јосифовска реше дека тој привремен пасош, без да прецизира точен датум, бил со важност од почетокот на 2018 година до јуни.
– Тоа е период од околу шест месеци – додаде Фрчкоска која образложи дека ова прашање го поставила за да се види дека позитивното мислење што било потпишано за привремениот пасош на Јордан Камчев со важност од осум месеци, не било единственото.
На прашање на Фрчкоска како се распределувале предметите во СЈО Јосифовска објасни дека секој обвинител добивал таргет од прислушуваните разговори, а специјалната обвинителка Катица Јанева, ја правела распределбата на таргетите.
Јосифовска одговори дека постапувала по неколку предмети на СЈО – „Тотал“, „Тревник“, предметот на новинарката Ивона Талевска, наречен„Тифани“ а за предметите кои биле во истрага, вклучувајќи ја и „Империја“ рече дека нема сознанија.
На ова адвокатката Фрчкоска ја праша обвинителката како дознала дека е отворен предметот „Империја“:
– Дознав во текот на летото 2018 година, најверојатно од колешката Стефанова – одговори Јосифовска.
Дали вие требаше да го работите овој предмет, не сте барале да бидете изземени, праша Фрчкоска, а Јосифовска одговори со „не“.