Јосифовска: Одобрението за привремен пасош на Камчев го потпишав по налог на Јанева

694

Обвинителката Елизабета Јосифовска денеска посведочи дека го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Јордан Камчев, обвинет во предметот на Специјалното јавно обвинителство, „Империја“ по налог на Катица Јанева.

– На 2 мај 2019 година потпишав одобрение за издавање патна исправа за Јордан Камчев, осомничен во предметот „Империја“. Актот што јас го потпишав не ми беше доставен како што е вообичаено од шефот на кабинетот, туку пред крајот на работното време – рече обвинителката Елизабета Јосифовска, поранешна заменичка на Катица Јанева, која денеска сведочи за предметот „Рекет“ во Кривичниот суд во Скопје.

Јосифовска вели дека го потпишала документот откако ѝ било кажано дека тоа е налог од специјалната обвинителка и дека мора да се потпише иако ѝ било чудно зошто се брза со потпишувањето на документот со кој на осомничениот би му се овозможило да добие привремен пасош со важност од осум месеци.

– Ние по закон бевме помошници на специјалниот јавен обвинител. Притворот да биде заменет со куќен беше збунувачки, дознав дека тоа се однесува на Јордан Камчев, Цветан Панделески, а во еден момент се спомнаа и Мијалков и носењето на Законот за јавното обвинителството. Мојата колешка Стефанова реагираше дека тоа на некој начин ќе влијае штетно на истрагата, но специјалниот јавен обвинител кажа дека треба да се заменат- посведочи Јосифовска.

Таа објасни дека пред да го потпише мислењето со кое се дава согласност за времена патна исправа на Камчев, обвинителката Стефанова забележала дека „Камчев може да побегне затоа што има двојно државјанство“.

– Стефанова ме упатуваше да не го потпишувам мислењето, но јас морав, според законските овластувања како заменик на специјалната обвинителка, не можев да ја менувам суштината на тој акт – рече Јосифовска.

На прашање на Русковска, Јосифовска рече дека на колегиум Јанева побарала од обвинителката Стефанова, која ја води истрагата за „Империја“ и од Бурим Рустеми, одговорен за истрагата „Поштенска банка“, да направат пресметки колкави суми да исплатат како отштета на државата и со спогодба за вина да се ослободат со парични казни „за да не одат луѓето во затвор“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...