Кога Јозеф К. станува свесен дека неговиот „Процес“ е сериозна работа и дека тој се наоѓа пред едно големо искушение и обвинување, еден ден оди во црква да бара помош или, пак, духовен спас од свештеникот. И, всушност, алегоријата што му ја раскажува свештеникот ќе биде, можеби, најважниот детаљ за тој да разбере дека нема спас од тоа обвинение и дека неговата судбина е запечатена.
„Еден обвинет човек оди во суд за да разбере зошто е обвинет, а тука – на влезот – го чека еден чувар, кој не му дозволува да влезе и неговото чекање станува толку долго, што тој застарува и на таа чекалница ја пречекува смртта. Во завршните моменти на својот живот обвинетиот го прашува чуварот зошто го мачеше толку и не му дозволил да влезе внатре, при што одговорот на чуварот е дека и да го пуштел тој, после него биле и двајца други чувари, уште посурови од него, кои сигурно нема да му дозволиле да влезе внатре.“
Ако добро се сеќавам на овој роман, кој сум го читал пред речиси 20 години, ова е приближно сцената што се одигрува во црквата, а која на Јозеф К. му ја даде најдобрата лекција за неговата судбина. Всушност, овој детаљ го памтам, бидејќи на некој начин ја објаснува состојбата и судбината и на нашиот, денешен, Западен Балкан, до вчера Југоисточна Европа. (Зар веќе не сме Европа?!)
Осуденикот и чуварите
Имено, поминаа 20 години чекање пред вратата на ЕУ (фала Богу, не за судење, туку со надеж за посветла иднина: благосостојба, мир, правда, демократија), притоа поминавме и кризи и војни, безброј пати се обвинуваме себеси и меѓусебно дека ние сме виновни што ЕУ не нè прима, менувавме влади и власти, сменивме закони и правевме реформи, направивме компромиси и низа договори, одлучивме да го смениме дури и името на државата, за на крај „чуварот“ пак да ни вели „не, уште не сте подготвени; дури и да ве пуштам јас на оваа врата, имате уште две други врати, каде има уште построги чувари од мене, кои сигурно нема да ве пуштат“. Ова е алегоријата на пораката што минатата недела ни ја упати Брисел: „Здравје Боже, догодина, ќе видиме!“ Требало да направиме уште некои реформи, ова е процес на скрининг, па потоа ќе добиевме датум за преговори, дури потоа ќе почнеме да преговараме, ќе отвориме едно по едно десетици поглавја, накај 2025-та можеби Србија и Црна Гора ќе ги исполнат тие критериуми, а „за Македонија, Албанија и Косово, ќе видиме!“.
Догодина повесели
И, ако се вратиме малку назад и ја анализираме Европската Унија кога ја прими Португалија (1985), или пак, кога дел од ЕУ станаа источноевропските земји до Бугарија и Романија, ќе видиме дека кога тие станале дел од ЕУ, далеку помалку од нас ги исполниле критериумите за влез во ЕУ, а сепак биле примени. Освен тоа, не држи и аргументот дека на тој начин ЕУ се зголемува енормно од демографски аспект, бидејќи сите ние заедно, како држави по број на население, не сме колку Бугарија самата или далеку помалку од една Романија. Единствениот аргумент во ваквата ситуација е „купување време“. Европската Унија, во дилема кога, како и дали да продолжи со проширувањето, соочена со своите внатрешни проблеми, како емигрантската криза или, пак, засилување на екстремните десни партии, кои се против проширување на ЕУ, „купува време“, притоа оправдувајќи се дека ние уште не сме биле подготвени, а демек таа, сепак, сака да нè интегрира. И ние, сиротите, мораме и тоа да го прогласиме за победа, да направиме добар пи-ар дека нашиот пат кон ЕУ е во добра насока, дека нашите заложби се наградуваат и дека секој ден полека стануваме дел од ЕУ. А, соочен со ваквата горчлива вистина, еден ден доаѓаш кај „свештеникот“ и сфаќаш дека тоа е твојата судбина.
Жртви за квалитет
Во нашиот регион имаме двајца лидери, кои го направија невозможното, за да бидат вреднувани од ЕУ, за на крај пак да им биде раскажана приказната на Јозеф К. од Кафка. Имено, Рамуш Харадинај успеа да ја протурка демаркацијата на границата со Црна Гора (додуша, малку и насилно), преместувајќи ја во полза на својот сосед и на своја штета, со ветување дека ќе добие либерализација на визите (замислете каква цена треба да се плати за слободно патување во шенген-зоната!), за на крај пак да му се каже дека ќе треба да се чека уште неколку месеци – „ќе видиме!“. Косово е единствената држава во Европа, во која нејзините граѓани се заробени и не им се дозволува да патуваат никаде. Со други зборови, Косово станува еден голем затвор, каде што нејзините граѓани извршуваат казна под обвинение „државјани на Косово“.
Од етички поглед, ова е голем срам, но политички ова се толкува како „неисполнување одредени критериуми“. А што вака можеби завршува политичката кариера не еден политичар, тоа е помалку важно.
Слична е состојбата и ситуацијата и во Македонија: за една година премиерот Заев успеа да заврши два крупни проблеми со соседите, притоа наоѓајќи смелост да смени и име на држава, сето тоа во име на интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО, за на крај да му се каже „во добар пат сте, но треба уште, ќе видиме!“.
Последниот да ги изгасне светлата
Друга приказна, секако најважна, е тоа што тие што страдаат не се политичарите, туку граѓаните. Замислете да живеете во држави во кои просечната плата ти овозможува само физички опстанок и ништо повеќе! Во земји во кои цути корупцијата, во кои политичарите се обвинуваат за тешки кривични дела, во земји на кои мора да им се создаде Специјално јавно обвинителство, Специјален суд или Ветинг! Приказната е јасна: ако ова се сведе на тоа да се вреднуваат политичарите, тие нема да бидат подготвени за ЕУ уште кој знае колку време. Или, пак, дали некој намерно тука работи да не бидеме дел од ЕУ, бидејќи само така ја чува тензијата и, можеби, дискриминацијата, која се преведува со власт?
Затоа, тука доаѓа до прашање европската фундаментална вредност на солидарност. Ако граѓаните и челниците на ЕУ не се солидарни со граѓаните на нашите земји, кои – да не заборавиме – географски припаѓаат на Европа, дали се тие вистинските следбеници на Шуман и на Жан Моне? Бидејќи, како што се одвиваат работите, ние ќе мора да се запрашаме: која ќе биде надежта на младите да останат во овие земји? Подобра порака за иселување, од ова, нема. „Кој остане последен, нека ги исклучи светлата!“, би се пошегувале скопјаните.
Јозеф К. веќе му се препуштил на својата судбина: политички кариери горат, успешни политичари стануваат комични, граѓаните страдаат, а чекањето продолжува… догодина можеби, ќе видиме!