Премиерот Зоран Заев не дава да се фрли црна дамка врз обвинителите кои работеа во СЈО, а републичкиот обвинител Љубомир Јовески, пак, ќе испитува дали има незаконитости и кривично дело во врска со исплатата на високи додатоци за доверливост.
Бурните реакции во јавноста следуваа откако првично беше објавен додатокот од 157 илјади евра кои ги зела поранешната шефица, Катица Јанева, а потоа викендов во медиумите се појавија и сумите на додатоците и за другите обвинители. Од обвинителството посочуваат дека е краток периодот досега да се знае дали има нешто незаконско, но ќе испитаат.
– Обвинителството ќе ги испита сите околности и правно релевантни факти за исплата на платите и додатоците и доколку се утврди дека има основано сомнение за извршено кривично дело ќе се постапи согласно Законот – велат оттаму и потсетуваат дека сѐ додека не беше објавена алатката „Отворени финансии“ висината на надоместоците и начинот на кој се пресметувале и тие и платите биле недостапни за јавноста.
Тоа, велат, не е случај со сите други обвинителства во државата за кои на сајтот на обвинителството е објавен коефициентот за исплата.
Од Министерството за правда, се воздржани во коментарите во врска со надоместоците, посочувајќи дека дали исплатата била незаконска треба да проверат други институции, меѓу кои е и обвинителството.
– Факт е дека во Законот за СЈО предвидени се додатоци на плати за ризик и за доверливост. Истото право го имаат денеска и судиите и другите јавни обвинители, и судската администрација и јавнообвинителската служба. Нема дилема дека ризик за обвинителите од СЈО кои процесуираа случаи против мафијата – постоеше. Исто така, потреба од доверливост на материјалите со коишто располагаа – постоеше. Но, дали висината на надоместоците е во согласност со законот или не е, е прашање кое е во надлежности на други институции меѓу кои и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија – велат од Правда за Плусинфо.
Случајот со додатоците го следи и Антикорупциската комисијата.
Премиерот Зоран Заев, пак, денеска изјави дека не треба да им се верува на шпекулациите, туку информациите треба да ги дадат самите обвинители кои работеле таму и институцијата СЈО, која според закон сѐ уште постои.
– Сигурно бројките се далеку помали од тоа што еден Антонио Милошоски или некој друг го слушам како шпекулира. Ве молам во името на професионализмот да ги побарате информациитте во делот на самата институција, таму можат да ви дадат директни и точни информацции. Ако побарате, јавните обвинители ќе ви дадат изјава, веројатно и таму службата која постои исто може да даде информации – рече Заев.
И тој го посочи државниот обвинител Љубомир Јовески, велејќи дека тој може да побара и да ги даде информациите за платите и сите додатоци.
Тој рече дека од она што го знае како премиер и што ја следи реализацијата на буџетот, СЈО не ги троши сите 228 милиони кои ги добива годишно.
– Сите знаеме дека специјалните јавни обвинители добиваат поголема плата за некои 300-500 евра, не знам колку е точно поголема, затоа што сериозно преземаа одговорност и преку чувањето на самите материјали кои носат дополниттелна одговорност. Јас нема да дозволам да се фрли негативно петно врз јавните обвинители. Постои исрага за државниот специјален јавен обвинител, но за другите не е коректно и треба да се праша да ја кажат целата анализа, да ги кажат сите детали кој е тој дел што е приман како надоместок во делот на додатокот за доверлисто и која е вистинската номинална нето плата која ја земале јавните обвинители – рече Заев.
Плусинфо се обиде да добие официјален одговор од институцијата, но ваквите информации, како што посочуваат дел од вработените, се класифицирани и мора прво некој да ги декласифицира за да се објават во јавност.
Во врска со бонусите, вчера невладината „Цивил“ најави дека ќе покрене иницијатива за враќање на парите бидејќи е скандалозно да се земаат толкави бонуси во држава како нашата.
Покрај за Јанева, во јавноста излегоа и информации и пресметки и за други обвинители кои со нивната работа во СЈО земале вкупно од 72-107.000 илјади евра.