Првиот човек на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев не се согласува со мислењето на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески дека на местото на осомничената Катица Јанева може да се назначи в.д. специјален обвинител без да истече мандатот на шефицата на СЈО.
– Само во еден случај советот назначува вршител на должност. Тоа е тогаш кога на еден јавен обвинител му се прекинува мандатот или е разрешен и Советот назначува вршител на должност од редовите на тоа обвинителство. Доколку Јанева не е разрешена и додека не и се прекине мандатот, не можеме да назначиме вршител на должност. Постапката за разрешување е предвидена со законот за СЈО, каде се вели дека доколку предлагаме ние, треба да подготвиме извештај и да го доставиме до Собрание, комисиите да го разгледаат и потоа Собранието да ни предложи ние да разрешиме – вели Штерјев за ТВ21.
Јовески пак, повикувајќи се на Законот за јавно обвинителство денеска изјави дека Советот на јавни обвинители ќе треба да реагира и да назначи вршител на должност, односно заменик на Јанева од тоа обвинителство.
Тоа значи дека в.д шеф на СЈО ќе биде некоја од колешките или колегите на Катица Јанева. Доколку Јанева заврши во притвор и биде оневозможена да ја врши својата работа, тогаш ќе мора да биде назначен нејзин заменик.