За нормално и ефикасно функционирање на обвинителството неопходни се 230 обвинители, што значи немањето на шеесетина обвинители сега е сериозен проблем кој, како што вели во интервју за МИА државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, очекува да се надмине со измена на законите. Зборувајќи за Специјалното јавно обвинителство, Јовески посочува дека суштествено е да се одлучи кој ќе го врши надзорот над работата на ова обвинителство. Вели дека има индиции оти разговорите во телефонската централа во зградата на Обвинителството и во новата зграда на Основниот суд Скопје 1 се снимани од моментот на пуштањето на централата во 2013 година. Во интервјуто говори и за амнестијата за 27 април, за бегството на Никола Груевски, како и за неговите планови и предизвици за оваа година.
Обвинителе Јовески, ова интервју го правиме точно една година по вашиот избор за Јавен обвинител на Република Македонија. Дојдовте во турбулентен период со сериозни ветувања. Како го оценувате сработеното, каде потфрливте и што можеше да се сработи подобро?
Она од што сум задоволен е фактот што на политичарите и моќниците им стана јасно дека одлуките нема да се носат во нечии кабинети, туки нив ги носат обвинителите. Тие ја имаат мојата целосна поддршка одлуките да ги носат во рамките на нивната надлежност, без мешање од страна, и затоа тврдам дека во тој дел имаме сериозен напредок.
Во овој период ја зголемивме и транспарентноста, и од една од најзатворените институции, можам да кажам дека сега имаме редовна и навремена комуникација со јавноста и со медиумите. Сега и обвинителите ја сфаќаат потребата од доближување на нивната работа на јавноста. Вие новинарите можете да бидете само поддршка во нашата работа. Обвинителството ги објавува сите информации за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката.
Има напредок и во борбата со криминалот, се отвораат истраги и обвинителите сериозно работат сторителите на кривични дела да бидат казнети. Внимателно се следат случувањата, и сега, за разлика од порано, се постапува и по сопствена иницијатива. Еве на пример, по сопствена иницијатива, врз основа на написите во медиумите поведовме постапка за додатоците на платите на членовите на Судскиот совет.
Владеењето на правото е императив за сите, а тие без законска основа, донеле одлука за исплата на додатоци на плата од 35 отсто. Овој случај мора да се реши, бидејќи со вакви одлуки се доведува во прашање довербата и кредибилитетот на судството. Не можам да кажам дека некаде сме потфрлиле, иако секогаш може подобро и на тоа ќе работиме.
Неодамна објавивте дека биле прислушувани и обвинителите,односно дека има два хард диска на кои биле снимени разговори направени на фиксните телефони во Обвинителството од 30 септември 2016 година. До каде е истрагата за овој случај и дали имате сознанија за злоупотрена на овие разговори?
Прецизно кажав дека во двата хард диска на кои работи телефонската централа постојат не само записи на комуникацијата на локалните телефони и телефонските повици од надвор, туку е и снимена содржината на разговорите.
По преземање на повеќе активности и откако стручно лице потврди дека е снимана содржината на разговорите, го објавив случајот. Основното јавно обвинителство Скопје, веднаш по сознанието дека е можно разговорите да се снимени во телефонската централа во зградата на Обвинителството и во телефонската централа на новата зграда на Основниот суд Скопје I, отвори предистражна постапка во која обвинителот презема повеќе дејства, меѓу кои и обезбедување на тендерските документации на централите. Со наредба на судија одземени се хард дисковите заради вештачење кое ќе покаже од кога се снимани разговорите, дали некој имал пристап до нив, ги пренесувал и ги користел. Имам индиции дека разговорите се снимани од моментот на пуштањето на телефонската централа во 2013 година.
Кои се ваши приоритети и предизвици во 2019 година?
Во 2019 започнуваат со работа истражните центри, подготовките привршуваат, а нивното функционирање ќе обезбеди поквалитетен начин на водење на истрагата за потешките кривични дела, а особено оние од финансискиот криминал и корупцијата.
Очекувам власта да ги препознае потребите на Обвинителството и да обезбеди соодветни и поголеми материјални средства за извршување на функцијата и за ангажирање на стручни соработници и друг помошен персонал. Ги продолжувам заложбите за екипирање на обвинителството. За нормално и ефикасно функционирање неопходни се 230 обвинители, што значи немањето на шеесетина обвинители сега е сериозен проблем. Со измена на законите очекувам дека брзо ќе се надмине оваа состојба.
Ги охрабрувам обвинителите, да работат уште попосветено, непристрасно и поефикасно во гонењето на сторителите на кривични дела и единствено да се раководат според законите и Уставот.
И на крај би сакал, преку Вас, на сите граѓани на Република Македонија да им посакам здравје, среќа и благосостојба во Новата 2019 година.
- Повеќе од интервјуто на Јовески:
Јовески: Неизвршениот увид од јавен обвинител на 27 април е најголем пропуст
Јовески: Суштествено е да се одлучи кој ќе врши надзор над работата на СЈО
Јовески за амнестијата: Ако зависеше од мене и Русковска, тоа немаше да се случи
Јовески: Груевски не излегол од Македонија на ниту еден граничен премин
ФОТО: МИА