Јовески: За „Рекет“ немаме странични влијанија, имаме релеватни докази

473
ФОТО: МИА

Постапката за расветлување на аферата наречена „Рекет“ оди сеопфатно без странични влијанија со обезбедување релевантни докази против инволвираните во кривично правните дејствија, изјави денеска јавниот обвинител Љубомир Јовевски на панелот „Како против корупцијата“, во рамки на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за ЕУ во РСМ.

Осврнувајќи се на борбата против корупција, Јовевски рече дека тој феномен го разјадува секое општество и затоа е неопходно ефикасно справување и тоа не само, како што посочи, заради Брисел или евроатлантските аспирации, туку заради нас, заради граѓаните и заради државата.

– Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Северна Македонија, слика на степенот на демократијата е способноста на државата да овозможи тоа да важи подеднакво за сите – истакна Јовевски.

Тој оцени дека конфискацијата на имоти стекнати со криминал е мерка за реално предупредување дека криминалот не се исплатува, таа е силен правен инструмент во борбата против криминалот и корупцијата, што ги погодува сторителите на кривични дела.

– Северна Македонија меѓу првите балкански земји ги имплементираше мерките за конфискација на приходи стекнати од криминал и да ја воспостави законската основа. Но, главен предизвик е се уште практичната имплементација на конфискацијата – оцени јавниот обвинител.

Мирјана Лазарова – Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права, рече корупцијата како проблем во кој било нејзин облик – непотизам, клиентелизам, рекет, поткуп, тендери… претставува феномен и појдовна точка со која се занимава преговарачкиот тим на секоја земја кога пристапува во ЕУ во двете поглавја – и во Поглавјето 23 и во Поглавјето 24.

Истакна дека корупцијата го поткопува владеењето на правото, но го поткопува и безбедносниот систем на секоја земја.

– Законите во членките на ЕУ почиваат на максимата дека никој не може да го задржи она што го стекнал бесправно. Никој не може да се офајди од плодовите на криминалот.  Главната цел на вклучувањето на поединците и групите во криминал не е само стекнувањето на имотната корист, која води не само кон добивка, туку создава материјална основа за повторување на кривичните дела, меѓутоа и за корумпирање на јавни службеници, судии, политичари, новинари, обвинители, новинари, било кој сегмент од општеството.

Марион Лангфорд, британска советничка за кривична правда, рече дека организираниот криминал во Велика Британија „цвета“ и притоа користи нова технологија за да се олесни стекнувањето пари на нелегален начин и тоа се повеќе бара меѓународен одговор и нова стратегија да се бориме против тој феномен.

– Минатата година во Велика Британија имаше 3,3 милиони обиди или измам, што е огромна бројка, а 37 милијарди фунти е штетата од ваква висока корупција и организирани измами. Тоа се големи бројки – посочи таа.

Лондон, како глобален финансиски центар, рече Лангфорд, исто така за жал е и центар за перење пари и што е голем ризик за репутацијата на финансискиот сектор во Велика Британија. Според неа, клучните приоритети за Велика Британија е да се скрати можноста на делување на овој криминал за да ги крие своите средства во земјата.

На панелот „Како против корупцијата“ говореа и Владан Јоксимовиќ, раководител на Сектетаријатот на Регионалната иницијатива за борба против корупцијата (РАИ), Десислава Готскова, проект менаџер на регионалниот проект „Зајакнување на антикорупцијата во ЈИЕ преку подобрување на мерките за заплена на средства“ и Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Третата пленарна сесија на НКЕУ-МК претставува заокружување на двегодишниот граѓански форум преку кој се отвори транспарентен дијалог за прашања поврзани со пристапните преговори за членство во Европската Унија.

На оваа пленарна сесија ќе бидат презентирани главните резултати од работата на НКЕУ–МК посветена на четири поглавја од претпристапните преговори со ЕУ – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), Социјални политики и вработување (Поглавје 19), Законодавство и човекови права (Поглавје 23) и Правосудство, слобода и безбедност (Поглавје 24).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...