Пратеникот Крсто Јовановски од ВМРО – ДПМНЕ кој на денешната собраниска седница на која се расправа за владиниот предлог за уставни измени, според преспанскиот договор, откако рече дека нема да гласа, му порача на премиерот Зоран Заев да ја прочита збирката раскази Пасквелија од Живко Чинго, а посебно расказот за пасквелскиот свирач Зурло.
– Ви порачувам да не ги туркате пратениците да гласаат против волјата на народот. Седнете со нашиот претседател Христијан Мицкоски и договорете се. Како во филмот „Добриот, лошиот и грдиот“, така и во реалноста има луѓе кои читаат книги и оние кои читаат фејбук – му рече пратеникот Јовановски на Заев, а потоа му препорача да ја прочита збирката раскази „Пасквелија“ од Живко Чинго, односно расказот за сиромашниот свирач Зурло кој одбил да свири на свадбата на синот на богатиот кмет.
-Не терајте ги пратениците да притискаат копче за кое не се избрани – порача на крајот Јовановски и му рече на Заев да се затвори со Мицкоски барем пет дена и да донесат заедничка одлука за иднината на државата, а после за тоа да се разговара во Собранието.