Откако економскиот директор на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља, во пост на Фејсбук вчера ја обвини својата колешка, д-р Викторија Јовановска, за незаконски јавни набавки и дека фаворизирала компанија која врши лабораторски тестови и се закани дека за случајот ќе го информира Јавното обвинителство, таа денеска му врати дека ќе поднесе кривична пријава за клевета и навреда за, како што рече, изнесените невистини и откри што е позадината на случајот. Беља, инаку, во моментов дава изјава пред Јавното обвинителство за овој случај.
– Тој е потпишан на сите набавки, постапката беше транспарентна и уредена со тендерот, на кој стојат барањата од интензивна нега. Каде сака нека дава изјава директорот Беља. Tој од мене бараше на двајцата негови советници, кои се на платен список во Oпштина Чаир, а кај нас на Kлиниката се веќе шест месеци ангажирани со договор на дело, да им ги продолжам договорите, а во спротивно ќе пуштал „бомби“! Овие бебиња, за кои се грижиме, се борат за живот. Требаше ли да им вадиме по 2 милилитри крв и да ги утепуваме? Сензитивноста на овој апарат е 98 отсто, а на другите е 70 отсто – изјави директорката Јовановска и додаде дека министерот за здравство е информиран за целата ситуација на Клиниката, како и за тоа колку редовно се појавува економскиот директор на работа.
Д-р Елизабета Петковска, началник на неонатална интензивна нега на Клиниката, изјави дека во оваа установа годишно има од 600 до 700 бебиња кои се високо ризични, а родени пред 34. гестациска недела.
– Ако одберевме фирма со која на бебиња помали од еден килограм требаше да им вадиме по 2 милилитри крв за една анализа, што е 20 отсто од нивната севкупна крв, вештачки ќе ги фрлавме во анемија, а со секое земање крв има опасност и да се внесе инфекција кај нив. Со апаратот што, инаку е добиен како донација, и е со технологија за неонатална сепса, има можност и за брзо читање на резултатите. За само еден час ги добиваме првите резултати, а за 4 до 6 часа сигнал дека нешто се случува и која бактерија е во прашање и кој антибиотик да му се даде на бебето. Не чекаме 5 до 7 дена за тоа – рече д-р Петковска и нагласи дека благодарение на овој апарат, успеале да ја намалат смртноста кај бебињата од 15 отсто во 2018 година на 6 отсто годинава, што треба да е за пофалба.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска соопшти дека ќе ги соочи двајцата директори на Клиниката за гинекологија.
– Крајно е несоодветно да се комуницира на таков начин, да се изнесуваат обвиненија, не доликува на луѓето кои извршуваат сериозни функции и ја нарушува довербата во здравствениот систем. Денеска ќе имам средба со двајцата директори. Сакам да ги изнесат двајцата аргументите па ќе видиме што е суштината на недоразбирањето – рече Филипче.
Во врска со тоа дали Беља е соодветен профил за директор, бидејќи има кривични пријави за други случаи и дека беше пукано во него, Филипче рече дека не сака да коментира она што се однесува на други институции.