Каде е сега и што прави Лазо Велковски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, кој во средината на август годинава, на барање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, беше разрешен од директорското место, поради злоупотреба на службено возило? Правило е дека по тешките „нокдауни“, каков што несомнено доживеа Велковски, борците тешко ја продолжуваат битката и брзо се соочуваат со целосен пораз. Но, она што се случуваше со Велковски во овие неколку месеци е доказ дека правилото секогаш има исклучоци.
Пред сѐ, наспроти очекувањата, „одбројувањето“ за него траеше кратко. Речиси експресно по разрешувањето, Велковски стана началник на Одделот за борба против организираниот криминал. Тогаш стана јасно зошто премиерот Зоран Заев, пред да го разреши од позицијата директор на БЈБ, го пофали како „одличен професионалец кој од секогаш важел за сплотувачки елемент во СДСМ“ и нагласи дека тој е еден е еден од неговите први соработници кој и натаму ќе биде „значаен партнер во МВР“. Не било значи заради утеха.
Можеби новата функција за Велковски беше изненадување за јавноста, но не и за добрите познавачи на приликите во МВР. Според неофицијални информации до кои дојде Плусинфо, многу е веројатно именувањето на Велковски на позицијата директор на БЈБ од страна на новата влада на Заев да било со „одобрување“ на претставници на меѓународниот фактор. А тоа веќе е јасна порака за секого – таков кадар сепак не се „гори“ така лесно, како што посакувале некои.
Како и да е, се чини дека Лазо Велковски сега е таму каде што треба да биде и од каде што им задава многу главоболки на луѓето од организираниот криминал и им боде очи на сите кои сакаат да ги зачуваат старите или да создадат нови коруптивни шеми и навики. А такви имало секогаш и ќе ги има. Важно е да има и некој бескомпромисно да ги демне.
Нашите извори велат дека „потписот“ на Велковски го носат истрагите во некои институции и министерства кои се раководени од сегашната владејачка гарнитура. Не треба да се заборави и тоа дека токму Секторот за организиран криминал, под негово раководство, ја заплени целата документација за тендерот кој предизвика земјотрес во јавноста, за набавка на реагенси во вредност од 37 милиони евра во Министерството за здравство. Во моментов, се испитуваат и други случаи на сомнителни поништени тендери за медицинска опрема.
Човек што има храброст да буричка во „фиоките“ на актуелни моќници од власта, очекувано, си создава многу непријатели. Но, на Велковски не му недостасуваа непријатели и пред разрешувањето. Имено, тој беше директор на Бирото за јавна безбедност во време кога беше приведен моќниот Митко Чавков. А познавачите велат дека инсталациите на Чавков во МВР секогаш биле и сѐ уште се активни. И сигурно Велковски не им е миленик.
Инаку, станува збор за човек со работна биографија без дамка. Не случајно тој ја уживаше довербата и на Бранко Црвенковски и на Зоран Заев. Како дипломиран криминалист, во МВР е од март 1991 година. Во неговата долгогодишнa кариера во МВР, но и во Агенцијата за разузнавање, има искусено сѐ и сешто. Неговиот подем уште во 2004 ќе резултира со поставување на чувствителната позиција директор на БЈБ. А неговото враќање на таа позиција во владата на Заев, пак, неговите колеги го протолкуваа како поставување на вистински човек на вистинското место.
Можеби и затоа е направен многу сериозен, мафијашки обид неговиот пех со „ренџ роверот“ да се искористи како шанса да се „спакува“ сериозен случај, кој ќе означи целосен крах на кариерата на овој врвен полициски професионалец. Организирано е снимање на движењето на службеното возило со неговата ќерка, а во „хендлањето“ на информациите наводно била замешана и странска разузнавачка служба. Јавноста, според очекувањата, се фокусираше на личната одговорност на Велковски, но изостанаа прашања и одговори за тоа кој кого следи и снима во МВР и какви се намерите на тие луѓе. До ден денешен остана нејасно кој и зошто сакаше да „изгори“ еден проверен и докажан полициски професионалец, во кој и државата има вложено многу.
Тие што го познаваат, велат дека Велковски сега, после сѐ што се случи, работи турбо, со зголемена мотивација да ги потврди своите вредности. Тој веќе успешно раководеше со две спектакуларни меѓународни полициски акции на македонска територија. Двете во почетокот на октомври.
Прво го видовме финалето на меѓународната истрага „Пасош“. Истрагата е започната кон средината на 2017 година, по претходна соработка и размена на информации помеѓу македонската и албанската полиција. Идентификувана е организирана криминална група составена од членови од двете земји, која работела на обезбедување на фалсификувани документи за албански и македонски државјани да заминат за САД и Канада. Идентификувани се организаторите и соработниците, како и сите рути на движење од почетокот на патувањето до крајната дестинација. Обезбеден е доказен материјал. Извршени се претреси во 12 објекти во Скопје, Охрид, Струга и дебар и приведени се седум лица.
Ден по спроведувањето на оваа акција, односно, со полициски жаргон кажано, ден по „реализацијата“, секторот со кој раководи Велковски ќе спроведе координирана акција за сузбивање на организирана повеќечлена криминална група составена од лица од Скопје, Велес, Струмица, Радовиш, Тетово, Струга и Битола, инволвирана во вршење на кривични дела против културното наследство и природните реткости. Новата „реализација“ е резултат на едногодишна истрага. Од слобода беа лишени 13 лица и од нив привремено беа одземени голем број на артефакти: монети, полускапоцени и скапоцени камења, стар накит, скулптури, керамички и бронзени предмети, метални шипки, мапи, метал детектори, скици итн. Ископаните археолошки предмети се од непроценлива вредност, а биле продавани на лица од Албанија, Турција и Грција.
Пресвртите што се случија во кариерата на Велковски во овие неколку месеци покажаа дека да се биде врвен професионалец во полицијата не е лесно и носи многубројни ризици. Има моменти кога тежината на предизвикот кај луѓето предизвикува слабости. Момент каков што тој имаше во август. Но, вистинските професионалци се тоа само ако умеат да ја платат цената и потоа да ги потврдат своите вредности, да се вратат во „рингот“. Кои и да се тие што се понадевале дека Лазо Велковски ќе потклекне после она што му се случи, очигледно лошо пресметале – тој е неуморен и веќе им дише во вратот. Порано или подоцна, вистината ќе избие на виделина.