Јас, убавите жени, чесните мажи и духовната реформа  

Зарем нашата јавна сцена не е ништо повеќе од еден еден голем, вкусно уреден и модерен (башка легализиран) бордел, во кој е најважно да се препознае најубавата жена (женска, бе) и при тоа, ако веќе влезеш таму, да не ти се случи од цела една вреќа убави и сочни онакви, симпатиите да ти претежнат кон  еден тврд онаков и таков да извлечеш од вреќата, за потоа Тричко да го расветлува тој трагичен инцидент?! Мислам, ако баш мора...

3551

„Големите умови расправаат за идеите. Средните умови расправаат за настаните. Малите умови расправаат за луѓето“. Често ја цитирам оваа мисла на Елеонор Рузвелт, секогаш кога е нужно да се укаже дека јавната дебатата во Македонија се фокусира на она што можат да го произведат само малите умови – расправа, најчесто обоена со навивачки страсти, а неретко и со говор на омраза, а и со воспевање на култот на луѓето околу нас, кои и самите го прифаќаат тој дискурс како доминантен, па и тие расправаат за луѓето, за своите соојузници и соперници (за нивните „рејтинзи“, на пример, кои, како што правилно ќе забележи во својата најнова колумна професорот Денко Малески, објективно не значат ништо битно, ама ете).

Не дека некогаш нашите големи умови се имаат претргнато од расправи за идеите. Затоа Македонија е вакво безидејно и дезидеологизирано мочуриште, затоа е претполитичко општество во секоја смисла на зборот. Но сепак, паметам времиња кога млади и храбри луѓе, во независна Македонија, расправаа, на пример, за концептите за уредување на државата. Се занимаваа, често и успешно, со политичко творештво.

Мојот пријател професорот Љубомир Фрчкоски, на пример, е еден од нив. Освен што е еден од авторите на најважните уставни концепти, тој е и човек кој најмногу се залагаше за цивилна контрола врз безбедносните сили во новата држава (војската и полицијата). Денес тоа ни изгледа нормално, но во она време тоа беше важна и ризична дебата. А гледам и Фрчко сега го сменил дискурсот, па „избира“ кој од претседателските кандидати на СДСМ е подобар (јака дебата!), расправа дали сопругот на Гордана Силјановска имал фри-шоп, дали Ѓорге Иванов бил будала (а од него изгуби на избори) и слично.

Удари под плексус

Во ред, сфаќам дека политиката е и забава, ентертејмент нели, дозволено е и ова пожолтување на расправата. Но, страшно е тоа што кога ќе се обидете да говорите за принципи или концепти, веднаш ве удираат под плексус со некаква недоветна расправа за ликовите на нашата осиромашена политичка сцена, дури и за ликови чија проминенција и не дозволува поголемо внимание. Тоа ми се случува често, а викендов баш се претера.

Упорно се обидувам да отворам дебата за институционалната поставеност на Специјалното јавно обвинителство (за оспорениот мандат за еден аспект на неговото дејствување), затоа што мислам дека тоа е општествено значајна тема, проблем што мора да се реши. Дебатирам и за начинот на кој специјалните обвинителки настапуваат во судница, како и за нивното поведение од аспект на етичките стандарди, кое може да има влијание врз постапките. Во одговор, добивам жестоки напади од сите страни. И од моите пријатели Боки Бургија и Бранко Тричковски, меѓу другите.

СЈО е нашиот фетиш, разбирам. А верувајте, не ми пречи толку жестокоста на полемиката, колку апсолутната безвезност на „врховниот“ аргумент во расправата – а тоа е дека целата мојата наводна „хајка кон Фатиме Фетаи“ (глупава и затоа простена клевета) била поради фактот што кај мене, како што вели Тричко, претежнувале „симпатиите кон злосторниците во однос кон антипатиите кон една убава жена“. Уау! Добро, Тричко не ме именува (иако цитира текст на Плусинфо), но освен што ја исфрла оваа смешна теза, тој уште најавува дека ако морало (пази ваму!), ќе се потрудел да открие дали и зошто тоа ми (ни) се случува – имено, зошто не можам да ја препознаам краснотијата на една „убава жена“, а ниту грдотијата на „злосторниците“.

Па добро, богати, зарем нашата јавна сцена не е ништо повеќе од еден голем, вкусно уреден и модерен (башка легализиран) бордел, во кој е најважно да се препознае најубавата жена (женска, бе) и при тоа, ако веќе влезеш таму, да не ти се случи од цела една вреќа убави и сочни онакви, симпатиите да ти претежнат кон еден тврд онаков и таков да извлечеш од вреќата, за потоа Тричко да го расветлува тој трагичен инцидент?! Мислам, ако баш мора…

Кога баџанак не е роднина…


Слична расправа, додуша со помал емотивен набој и без оргазми во најава, се отвори кога викендов го оспорив изборот на Нури Бајрами, баџанакот на Талат Џафери, за член на Антикорупциската комисија. Пена ми фати устата објаснувајќи ги феномените непотизам и судир на интереси, а пред сѐ, концептот на презумпција. Освен самиот Бајрами, кој барем се обиде да спори со концептот повикувајќи се на законитоста на постапката, сите други што застанаа во негова одбрана упорно се обидуваа да расправаат за неговите квалитети како човек, обидувајќи се да нѐ убедат мене и јавноста колку бил добар и чесен и заканувајќи ми се дека еден ден јас ќе морам да се демантирам самиот себеси. Мојот очајнички обид да кажам дека овде станува збор за сериозен етички фелер во постапката, а не за избор на „мистер на чесноста“, го прекина една моја виртуелна пријателка, која буквално ме разоружа со најсилниот можен „аргумент“ исфрлен во дебатата – па баџанак и не е роднина, ми одговори таа. Уф, каков страшен превид од моја страна!

Дебата за смислата и за концептот на буџетска поддршка на (не)културата не се ни обидов да покренам. Си реков, кој ќе ги истрпи сите тие безвезни кавги што ќе произлезат, сите обвинувања дека пак можеби ги промашувам убавите жени и чесните мажи, дека се солидаризирам со овој или со оној, дека лобирам за овој или оној проект. Освен тоа, си реков, темава е опасно етнички обоена, па не дај боже да мора утре да докажувам дека сум антиалбанец или проалбанец, да речеме, замислете какво оптоварување ќе биде тоа за сите што ќе си преземат света задача да откријат „дали и зошто“ тоа ми (ни) се случува.

Дали и зошто? Не сакам да знам…

Видете, јас не можам да посведочам дека ние во Македонија некогаш сме биле отворено и демократско општество, но навистина жалам за оние времиња кога водевме жестоки дебати и за концепти и идеи. Имаше такви моменти. На некои свои триесет години, на пример, сум коментирал дали е подобро претседателот на Македонија да се избира на општи и непосредни избори (како што бараше и доби Киро Глигоров) или да го избира парламентот (за што се залагаа некои други, меѓу кои и јас). Никој, па и оние кои од дното на душата го мразеа Глигоров, во таа дебата не го оспоруваа неговиот лик, иако сите добро знаевме дека начинот на избор на шефот на државата се промени по негова волја.

Што ни се случи во меѓувреме, та станавме неспособни за такви расправи?

Ништо посебно. Ни се случија процес на една страшна кадровска осека и една општа пауперизација на духот. Ни се случи глупавите да доминираат, а паметните да ги фалат. Ни се случи, на пример, јас да кажам дека е комично Заев да се нарече „духовен реформатор“, друг да прочита дека истиот тој Заев сум го нарекол глупав (?), а трет „паметно“ да заклучи дека сепак е недвосмислено јасно дека јас не зборувам за значењето на концептот „реформа“ и за нечии капацитети да биде прогласен за „духовен реформатор“, туку сакам да го навредам кандидатот за Нобелова награда за мир.

И јеби га, друже судија (да го цитирам Боки), јас сум навистина немоќен пред тој „инструментариум“ на новата пропаганда. Сите сме немоќни. И кога на спомнатиот Боки, на пример, му велам дека не можам сега на овие години да се „заљубувам“ во Фатиме Фетаи, да пишувам панегирици и да оправдувам нешто што не може да се оправда од аспект на правната процедура (при што очекувам барем тој моето „заљубување“ да го разбере метафорично), а тој ми вели „јасно ми е до каде добацуеш за уметнички дојам кај дамите“, расправата станува бесмислена и тажна.

Што понатаму? Па јас не можам со моите пријатели, за кои знам дека не им недостасува и критички дух и слободоумие, да се расправам како со оној тажен поликлинички случај, кого сега, еве, поради „новонастанатата ситуација во неговиот приватен живот“, не би сакал да го спомнувам (односно, да го реметам, според нашиот новоговор). За разлика од мојот драг Тричко, јас нема да се обидувам да откријам „дали и зошто“ се случува овој драматичен и трагичен пресврт во јавниот дискурс.

Доста ми е од разочарувања, бе! Ќе одморам малку и ќе се трудам да мислам дека во иднина нештата можеби ќе тргнат во друга насока, иако не знам „дали“ тоа ќе се случи и „зошто“ воопшто би требало да се надевам на една таква, ако смеам да ја наречам, „духовна реформа“. За кого? Од кого?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...