Постои ли опасност, поради договорот склучен меѓу Скопје и Атина, светот да почне нас, граѓаните на Република Македонија, да нѐ нарекува Северномакедонци? За жал, мојот одговор е – да, постои! И за тоа сме виновни ние самите.
Има луѓе во Македонија (за среќа, малкумина се), на кои тоа воопшто не им е важно. Тие со гордост би го носеле тоа име и би се идентификувале, дури и етнички, како Северномакедонци. И мене тоа не ми пречи. Ние сме либерално општество и секој себеси може етнички да се идентификува како што сака. Апсолутно ми е сеедно дали тие луѓе ќе се самонаречат Северномакедонци или Марсовци, на пример, тоа е нивен избор.
Но, ми пречи и ќе ми пречи ако некој се обиде да ме натера јас да се декларирам како што тие сакаат, или ако нацијата на која ѝ припаѓам ја именуваат на начин што не е предвиден со договорот потпишан во Преспа, кој, патем речено, сè уште не е ратификуван од двете страни и како таков, не произведува правни дејствија.
Македонците се племе?!
Колешката Ида Протугер, својата последна колумна во „Фокус“ ја наслови со следнава реченица: „Да се биде племе Македонци или цивилизирани Северномакедонци!“ На Фејсбук напишав дека се согласувам со повеќето од тезите во колумната, но не и со насловот. Да бидам искрен, насловот ме навреди, зашто, како што напиша и Владе Милчин, јас сум Македонец а не Северномакедонец и не сум племе.
„Ние, Македонците, ниту сме биле ниту ќе бидеме племе. Ако станеме Северномакедонци (а договорот со Грција тоа од нас не го бара!) тоа не значи дека ќе станеме цивилизирани. Ида Протугер сигурно знае дека договорот прави суштинска разлика меѓу името на државата (Северна Македонија) и придавката со која е означенo државјанството/nationality (македонско/граѓани на Република Северна Македонија). И секако знае дека меѓународните договори не ја дефинираат етничката припадност на народите. Затоа, не е воопшто цивилизирано, а ни чесно кон нашата историја и култура, самите себеси да се нарекуваме Северномакедонци, кога никој тоа од нас не го бара“, напишав во мојата реакција на Фејсбук.
Бидејќи бев убеден дека насловот е недоразбирање или превид, јавно ја замолив Ида Протугер да објасни. На мое непријатно изненадување, таа се потруди да го образложи насловот со некакви свои „аргументи“ и со тврдење дека колумната предизвикала нецивилизирана дебата во некои хушкачки портали. Бидејќи не се препознав меѓу хушкачите (мојата забелешка беше крајно цивилизирана и добронамерна), одлучив да ја прекинам преписката со мојата драга колешка.
Непромислено и политички штетно
Но, оваа случка, како и поздравот што го испрати германскиот министер за надворешни работи Михаил Рот до своите „северномакедонски и албански пријатели“ (Дојче Веле), укажува на тоа дека тенденции да нè прекрстат во Северномакедонци ќе има и во иднина. Ние, коишто сепак се идентификуваме како Македонци и баш и не се чувствуваме „племе“ поради тоа, изгледа дека ќе мора да ја замолиме владата на сегашна Република Македонија, а на утрешна Република Северна Македонија, многу сериозно да се бори да се почитува договореното и особено одредбите кои се однесуваат на идентитетските прашања.
Многу е непромислено, а за владата на Заев и политички штетно, да се прифаќаат и да се толерираат обидите на некои луѓе македонската нација и граѓаните на Република Македонија да ги идентификуваат како Северномакедонци. Јас лично би бил среќен кога барем еден наш министер би се заложил за доследно почитување на договорот, троа похрабро одошто тоа го прави шефот на грчката дипломатија Коѕијас, на пример. За жал, тоа не се случува и навистина сум изненаден поради тоа.
И затоа, сакам да ги предупредам сите кои на референдумот ќе агитираат народот да го прифати договорот со Грција, да си размислат малку – со ваква беневоленција кон обидите самите да го прекршиме потпишаното во Преспа и лекомислено да се прекрстуваме во Северномакедонци, немојте да се надевате на висока излезност на референдумот и на успешен исход.