Јас сум виновникот!

2327

На 100 метри од станот на Груевски, е кабинетот на првиот полицаец и вооружените „сини ангели“, чуварите на нашиот безгрижен сон. На нешто помалку од 100 метри, што некои ги претрчуваат за помалку од 10 секунди, е седиштето на СДСМ. Или, центарот на сивата мозочна маса на репрезентите од владејачкиот врв.

Од приватната резиденција на Груевски, ги дели една улица. Но таа не е било која. И не се пречекорува туку така. Го носи името на Павел Шатев. А тој пак, не е било кој за да се прескокне. Еден е од динамитните деца на македонската револуционерна борба. Гемиџијата, кој го пламна францускиот брод „Гвадалкивир“ во солунското пристаниште.

А јас,пак, судбината така сакала, на Груевски, сум му во комшилук.

Не треба да критикувате никого за пропустот, поради кој, тоа човече, неугледно, шаткасто, дрско, цинично, со уште многу други патолошки настраности, од државата си направи забавен рингишпил, на кој нѐ вртеше сите нас, а денес е бездомно сираче, кое се ака по свет.

За да нема забуни и префрлања на топката од едни на други – од министри, на судии, на обвинители, на полицајци и телохранители, чинам е вистинскиот час да признаам – моја е вината што не си ја извршив граѓанската должност, и да ја спречам оваа национална трагедија, со примеси на колективен срам. Место да хрчам, завлечен во својата удобност, или да ги гледам ТВ-бурлеските, во кои гостуваат кој од кој помутав аналитичар, експерт, политичар или криминалец, требаше да дебнам, буден и одговорен на својот граѓански и патриотски пост и на култниот комшија да му ставам вреќа преку глава, кога критичната ноќ, тој драг бивш премиер, маскиран како учесник во вевчанска карневалска поворка, чекорејќи под мојот прозорец, на прсти, како исплашена балерина, го почна својот маченички пат кон туѓините, во нова државничка, односно – предавничка мисија.

Токму поради мојата дремливост и исклучиво поради мојата граѓанска неодговорност, ете, драги мои останавме посиромашни за една уникатна битанга – мерено според сите нормативи на светското криминално подземје.

Нема место за извинување. Јас сум тој, крунскиот виновник за бегството на комшијата. И ете, казнет сум – го загубив спокојството на сонот. Трагично болно го преживувам неговото комшиско отсуство, но и очајот во кој неправедно се вовлечени, оние наши фини дечки од власта, што пред малку ги набројав.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...