Јанчев: На граѓанската трибина бев како градоначалник и да ја слушнам конкуренцијата

3758

Нема ништо невообичаено што како градоначалник на општината Кавадарци присуствував на граѓанска трибина „Прав пат“ што се одржа во Домот на културата „Иван Мазов Климе”, вели градоначалникот Митко Јанчев во изјава за Плусинфо.

Тој потсетува дека во времето кога премиерот Зоран Заев беше градоначалник на Струмица исто така на покана на тогашната влада присуствувал на трибини на поранешниот премиер Никола Груевски.

– Јас сум градоначалник и во интерес на општината е да слушнам какви проекти се планираат. Тоа е едната причина за моето присуство на граѓанската трибина, а како второ сакав да ја слушнам конкуренцијата – вели Јанчев.

На трибината, вели Јанчев, биле спомнати два проекти од стратешко значење за општината Кавадарци, а станува збор за изградба на заобиколницата и за нов граничен премин со соседна Грција.

Изградбата на заобиколница на Кавадарци која и претходно како стратешки проект на општината ја најави градоначалникот Јанчев ќе придонесе да се тргнат тешките возила од градот и од селото Ваташа, а исто така ќе биде од големо значење и за новиот граничен премин кај селото Мајден. Познато е дека македонската и грчката влада за овој голем проект за поврзување на Мајден кај Кавадарци и Промахеј во Грција потпишаа меморандум.

Пред граѓаните во Кавадарци свои обраќања имаа потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, членот на ЦО на СДСМ, Трајан Димковски и вицепреиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Спасовски го поздрави присуството на Јанчев и рече дека очекува дека неговиот пример ќе го следат многу граѓани на Кавадарци да се приклучат на караванот на „Правиот пат“.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...