На предлог кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, во соработка со бизнис секторот, општина Кавадарци донираше две возила „шкода рапид“ за полицијата. Ова е втора донација, минатата година беше донирано интервентно возило комбе.
– Во Кавадарци се намалуваат кривичните дела и проблемите од јавна безбедност – рече Јанчев.
Во работна посета на полициската станица од општа надлежност беше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– На подрачјето на Секторот за внатрешни работи Велес, во чии рамки е и кавадаречката полициска станица, за одбележување е што криминалитетот бележи опаѓање, за разлика од 2018 година. Таа беше една од подобрите во последните пет години, но во 2019 имаме дополнително намалување на криминалитетот. Исто така имаме зголемување на ефикасноста во работењето. Сето тоа ни дава уште поголем мотив, сите заедно да работиме кон унапредување на безбедноста – нагласи Спасовски, заблагодарувајќи се на градоначалникот и бизнис секторот.
Очекува соработката да продолжи и во иднина.
Спасовски ги посети и општините Градско и Демир Капија. Во сите овие општини имаше средби со полициски службеници, локални совети за превенција, градоначалници.