Митко Јанчев добил закана по живот заради вечерашното гостување во емисијата 24 Отворено заедно со Даниела Рангелова. Јанчев заканата ја пријавил во полиција, а од МВР ја потврдиле информацијата. Тој и пред емисијата за некои портали потврдил дека се соочува со таков проблем. Заканите по живот биле упатено кон него и неговата сопруга.
Претходно Рангелова потврди дека се слушнала со Јанчев и дека тој потврдил дека ќе присуствува на дебатата. Во телефонскиот разговор, Јанчев изјави:
-Последниве месец константно добиваме закани по смс и фејсбук, но денеска на мојата сопруга и се закануваа и тоа ми беше причина да не присуствувам на дебатата. Постојано добивам закани кои ги пријавувам во полиција. Пред референдумот имав ваква закана: „На Јанчев во сон му се јавил татко и му рекол доколку излезе да гласа, за брзо време ќе се видат“, а татко ми е покоен од 2005.
Јанчев посочи дека заканите ги добиваат од лажните профили на фејсбук, а сите заканувачки смс пораки ги пријавил во МВР. Тој посочи дека и вечерва зборувал со Мицкоски кој го уверил дека заканите не доаѓаат од штабот на партијата.
– Досега со Мицкоски не сум имал тензичен разговор, па дури и за последното разрешување и лично ми се јави да ме праша дали сакам да бидам разрешен или да си поднесам оставка и му реков да ме разреши зошто немам намера да давам оставка – изјави Јанчев.