Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, по денешното судско рочиште за предметот „Талир“ на СЈО, изјави дека се работи за политички прогон врз неговата партија.
– Јасно и недвосмислено се покажува фактот дека целиот овој политички процес е всушност политички прогон кон најголемата политичка партија во Македонија – рече Јанушев.
Прашан за признанието на вина од неговата сопартијка Елизабета Чингаровска, која доби условна казна затвор од две години, Јанушев рече дека не сака да коментира индивидуални изјави и од кои побуди е тоа направено.
Во предметот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески за „злоупотреба на службенатта положба и овластувања“ и „перење пари“, а Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за делото „перње пари“. Како правен субјект со обвинението е опфатена и ВМРО-ДПМНЕ.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.
Денешното рочиште беше одложено поради отсуство на обвинетиот Илија Димовски, кој со писмен поднесок од 13 февруари го известил Судот дека е спречен да присуствува на закажаното рочиште, бидејќи како пратеник и шеф на собраниската делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО ќе учествува на заеднички состанок на комитетите, што ќе биде одржан од 17 до 22 февруари во Брисел.