Откако не успеаја преку разни притисоци, закани и уцени да ја скршат партијата и актуелното раководство, сега почнаа уште пожестоко да ги злоупотребуваат институциите и да се обидат да го попречат ВМРО-ДПМНЕ во своето работење, реагираше генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, откако судот по барање на СЈО одлучи да им замрзе 69 објекти меѓу кои и „Белата палата“ за која Христијан Мицкоски најави дека ќе ја продава.
Тие веќе поднеле жалба на судската одлука за замрзнување и бараат итно да им се одмрзне имотот.
– Партиското, непрофесионално и селективно специјално јавно обвинителство еден месец после референдумскиот дебакл на Заев и СДСМ, побара да биде замрзнат целокупниот имот на партијата, а судиите Весна Димишкова и Седат Реџепагиќ, без никаква основа веднаш скокнаа да помогнат и да донесат позитивна одлука по барањето на СЈО. За прв пат во историјата на Република Македонија, но и за прв пат на европско тло се бара замрзнување на имот на политичка партија која што е во опозиција – изјави Јанушев.
Тој кажа дека вкупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува 10 милиони евра, а со замрзнувањето опфатени се сите штабови на партијата.
Со тоа, според него, се пиричинува штета на партијата.
Генералниот секретар потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ како правно лице не е осомнично во постапката и се гледа дека се работи за прогон.