Новата реалност во Република Македонија е дека граѓаните одбраа правда токму за Македонија. Резултатите од изборите покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ е политичката сила со најголема доверба меѓу граѓаните и дека политиките на власта доживуваат пораз. СДСМ како политичка партија драматично ја губи поддршката кај граѓаните, и тоа го потврдуваат бројките и фактите. Власта, особено СДСМ е делегитимирана. Народот не им верува, рече генералниот секретар на вМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес конференција.
– Доживеа пораз системот кој наметнува тортура, прогони, притисоци, системот кој носи безпарица, економска стагнација, системот кој тргува со името, достоинството, и законите. Со овие луѓе нема ниту иднина, ниту напредок. Одговорот на апатијата е едноставен, масовно гласање во вториот круг на изборите на 5-ти мај, и потврда дека граѓаните се тие кои решаваат. Народот е посилен од секоја власт и народот е свесен дека со гласачко ливче победуваме неправда. Гордана Силјановска Давкова е изборот на граѓаните, таа е изборот затоа што е олицетворение на правдата, човек со кредибилитет и свој став – рече Јанушев.
Тој додаде дека за нив довербата од граѓаните е обврска, а новата реалност е дека ВМРО-ДПМНЕ, и коалицијата која ВМРО-ДПМНЕ ја направи со народот победи во 47 општини.
Јанушев рече дека доколку резултатите на овие избори се пресликаат во пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ е политичката партија која ќе треба да прави ново мнозинство во Собранието и нова Влада. Според него, првичните анализи покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе освои 53 пратенички мандати, а СДСМ 12 пратенички мандати помалку, или само 41 пратенички мандат, додека Беса и Алијансата и ДУИ по 13 пратенички мандати.
.