Јанкулоска се расплака: Имам право да се грижам за моето бебе

Екс министерката ги отфрли обвинувањата на СЈО кои личеле на тези на политичка партија, а не на обвинителство.

15076

Во ниту еден момент кај мене не постоела умисла за да поттикнам некого да се набави блиндирано патничко моторно возило со фаворизирање на економски оператор. Додека бев на функцијата министер со чиста совест тврдам дека работев согласно закон, ниту сум влијаела, ниту сум потпаѓала под нечие влијанија. Не сум учествувала во јавната набавка за која ме терети СЈО, со истата се запознав во текот на оваа судска постапка.

Со овие зборови екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска побара ослободителна пресуда во случајот за набавката на блиндираниот мерцедес.

Сепак, Јанкулоска рече дека кај неа како обвинета постои страв од пристрасност на мнозинството од судечкиот совет кој го води овој предмет, а со кој претседава судијката Добрила Кацарска. Една од причините за ваквиот страв е динамиката со која се одржувале рочиштата.

– Инсистирањето да се донесе пресуда во експресно брз рок иако имам законско право на породилно отсуство за да се грижам за дете кое имаше два месеци на почетокот односно три месеци на крајот на оваа постапка. Ова отсуство беше прекинато со закажување на вообичаено интензивна динамика на рочиштата – рече Јанкулоска во солзи.

Другата причина за пристрасност е тоа што судечкиот совет, наведе Јанкулоска, веќе искажал став за нејзината вина уште пред да почне судењето за неа, тој став советот го кажал при изрекување на пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски и екс помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

Таа рече и дека врз перцепцијата на судиите за нејзината вина влијаел и медиумскиот линч врз неа со објавување на бомбите за потребите на политичката кампања кои потоа аудио снимки со манипулирање се ширела низ медиумите. Медиумите, рече Јанкулоска, ја оцениле како виновна уште пред да почне судењето што има влијание врз судиите.

Екс министерката ги отфрли обвинувањата на СЈО кои личеле на тези на политичка партија, а не на обвинителство. Како министерка, кажа дека работела совесно и согласно законот и оти никогаш не влијаела на никого.

Еден од главните аргументи на нејзините адвокати во завршните зборови беше тоа што бомбите, според нив, се единствениот доказ на СЈО и врз нив не може да се заснова пресудата.

Адвокатите Сања Алексиќ и Боро Тасевски наведуваа дека нема записник од примопредавањето на аудио снимките од СДСМ во СЈО односно дали токму бомбите за мерцедесот се меѓу тие материјали.

Адвокатите ја оспоруваат автентичноста на разговорите односно тоа што не е направена анализа дали се веродостојни бидејќи поминале низ многу раце, од тие што наводно ги зеле од МВР до СДСМ и активистите на партијата, па на крај кај СЈО. Тоа оставило простор за манипулација со разговорите бидејќи ако се исече или залепи еден збор во разговорот, може сосема да се смени контекстот на снимката.

За одбраната е спорно и тоа што СЈО има монопол над разговорите, како што имал и СДСМ па можеле да си ги селектираат снимките кои им одговараат, а да игнорираат други снимки кои не им одат во полза на обвинението.

Тасевски и Алексиќ ги оспоруваат и вештачењата бидејќи биле направени во отсуство на одбраната, како и од вештаци кои во моментот на вештачењата немале лиценца.

Тасевски вели дека имало и политичка дискриминација бидејќи еден од вештаците Тале Герамитчиоски бил истакнат член и функционер на СДСМ, а Јанкулоска била дел од влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...