Јанкулоска и Димовски до сведокот за фантомите во „Титаник“: Дали сте близок до СДСМ?

7630

Пратеникот Илија Димовски и ексминистрката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска преку испитување на полицаецот, кој сведочеше дека видел околу 60 лица дека дошле во Ресен да вадат лични карти и биле испратени од Едмонд Темелко, се обидоа да посочат дека тој е човек близок до СДСМ и на кандидатот на оваа партија во 2013, Димитар Бузлески.

Пратеникот Димовски прво прашуваше дали сведокот е свесен дека лицата за кои зборуваше имаат права и во Македонија бидејќи имаат и наше државјанство, а потоа го праша и за блискост со СДСМ.

– Вие и блиски членови на вашето семејство сте во исклучително блиски релации со високи функционери од СДСМ? – праша Димовски.

На ова приговараше обвинителката Лиле Стефанова.

– Ваквата констатација на обвинетиот не произлегува од никакви искази на сведокот и истата не е вкрстено прашање туку обид на обвинетиот да внесе елементи на политичко дејствување во судницата – рече Стефанова.

Судот не го дозволи прашањето, а Димовски рече дека е задоволен и без одговор.

По него и адвокатот Еленко Миланов и Јанкулоска се обидоа преку вкрстени прашања да го дискредитираат сведокот, алудирајќи дека тој како вработен во МВР немал пристап до избирачкиот список и дека пристапот му бил овозможен на друг начин.

– Со оглед на тоа што МВР нема пристап до списокот, а факт е дека кандидатите имаат извод од избирачкиот список дали пристапот до изводот од избирачкиот список ви бил овозможен токму на извод кој го поседувал некој од овие овластени лица? – праша Јанкулоска, а сведокот одговори со “Не”.

Овој сведок беше единствениот кој сведочеше на денешното рочиште за „Титаник“, бидејќи останатите кои беа предвидени се со работни обврски, па судот ќе треба да им испрати покана за наредното рочиште.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски кој избега и доби азил во Унгарија, ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...