Јанкулоска дојде без адвокати во Апелација

364

Седницата во Апелациониот суд во Скопје за пресудата во „Тенк“ за ексминистерката Гордана Јанкулоска се одложи бидејќи не дојдоа нејзините адвокати. Боро Тасевски навел дека од приватни причини е спречен да присуствува, а Сања Алексиќ од здравствени.

Судиите ја презакажаа седницата за 25 февруари.

Јанкулоска за набавката на мерцедесот е осудена на шест години затвор од судечки совет во Основниот суд Скопје 1 со кој претседаваше судијката Добрила Кацарска, а ексминистерката и нејзините адвокати поднесоа жалба до Апелација.

Второстепениот суд може да ја потврди пресудата од Основниот суд Скопје 1, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно судење. Ако и Апелација ја потврди казната, пресудата ќе стане правосилна и Јанкулоска ќе треба да ја изврши. Меѓутоа, во таков случај ексминистерката би можела да бара и одлагање на извршувањето на казната додека нејзиното бебе не наполни една година (до јуни годинава), што е дозволено според Законот за извршување на санкции.

Заедно со Јанкулоска на обвинителка клупа во овој случај седеа и поранешниот премиер, Никола Груевски, и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, но поради ризичната бременост, за неа постапката се раздвои.

Груевски и Поповски веќе се правосилно осудени: експремиерот на две години, а поранешниот функционер во МВР на четири години и шест месеци. Поповски се наоѓа во затвор, а Груевски избега во Будимпешта, Унгарија, каде и побара азил.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...