| Вести денес: 0

Јанева: Според законските рокови, Груевски ќе оди во затвор до крајот на октомври

СЈО се бори против високата корупција, целта е да се вратат парите на граѓаните, рече специјалната обвинителка.

3839

Специјалното јавно обвинителство се бори против високата корупција, и настојува да се вратат парите на граѓаните назад. Основна работа ни е да ги бараме парите и најмногу се насочивме на финансиски истраги, но тој процес трае и нема да заврши во овие пет години мандат на СЈО, изјави вечерва специјалната обвинителка Катица Јанева.

Јанева во вечерашното издание на „Само Вистина“ рече дека според сите законски рокови , Груевски на издржување на затворската казна за пресудата за набавката на мерцедесот би требало да оди за дваесет дена.

Специјалната јавна обвинителка рече дека според сите законски рокови, Груевски на издржување на затворската казна за пресудата за набавката на „мерцедесот“ би требало да оди за дваесет дена бидејќи, како што рече, до петок би требало да ја добијат пресудата по што ќе почнеле да течат тие дваесет дена.

Таа на Канал 5 телевизија, рече дека се надева оти СЈО ќе успее да опстане и да се бори против највисоката корупција, и тоа не само кога станува збор за прислушуваните разговори, туку и сега доколку се случува од актуелната власт.

– Нашите предмети нема да завршат со овие пет години мандат. Тој процес трае. Повеќе се насочивме и најмногу работиме на финансиски истраги, да се вратат парите во буџетот, одземени на криминален начин – рече Јанева.

Специјалната обвинителка рече дека во обработка на СЈО се 606.550 прислушувани разговори, односно аудио фајлови, од кои досега се преслушани 545.900 разговори.

Десет проценти од разговорите, посочи таа, се на други јазици кои се дадени на преведување и се надеваме во најкус можен рок оти ќе ни бидат доставени на македонски. Најчест странски јазик е англискиот, но има разговори и на руски и на грчки. Разговорите на албански и на српски јазик ги преведуваат преведувачи од Обвинителството.

Таа посочи дека од вкупниот број аудио фајлови, досега СЈО преслушало и 243.753 приватни разговори, кои не се однесуваат на коресподенција меѓу функционери и најчесто не индицираат на нешто сомнително, но некојпат, како што рече, се важни за самата истрага кога се случувале некои криминални дејствија – тие се затворени за јавноста и се слушаат само од страна на судот.

– Сите инволвирани во случаите ги повикуваме да достават материјални докази, доколку имаат, им кажуваме дека имаат право да се бранат или да молчат. Освен доказите кои ние сме ги прибрале, малку се доказите или воопшто ги нема на тие што адвокатите на осомничените ги прибрале. Јавноста и граѓаните знаат дека СЈО работи врз основа на докази кои ги прибира на законски начин – рече Јанева.

На прашањето колку се безбедни овие разговори, Јанева рече дека тие се чуваат под високо обезбедување и има посебна специјална процедура која се спроведува при самото прислушување, односно се знае кој и на каков начин може да слуша такви разговори.

Во однос на извештајот што СЈО во септември го изготви посебно за четворица судии, Јанева вели оти тоа го направила за да биде транспарентна пред граѓаните и за реформите што се прават во правосудството.

– Ваквиот извештај се однесува за четворица судии кои најмногу се присутни во прислушуваните разговори и се најинтригантни од морален аспект и од аспект на нивниот индивидуален интегритет и авторитет. Сметам дека тие од морални причини досега требаше да дадат оставка и оти не треба да ја извршуваат функцијата. Не вредат веќе нивните пресуди, нивниот однос кон странките. Да ургира претседател на Врховен суд на различни предмети не е во ред – рече Јанева.

Четворицата судии споменати во извештајот се Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд, Александра Зафирова, член на Судски совет, судијката Софија Лаличиќ и Светлана Костова, која во исто време била избрана за судијка и била секретар на УБК.

Во однос на случајот „Монструм“, за кој има голем интерес од јавноста, Јанева рече дека се прават напори од судот да се изврши екстрадиција на двајцата обвинети во предметот.

– Во тој предмет од страна на СЈО одат четворица обвинители на застапување, со тоа ја покажуваме нашата сериозност кон тој поредмет, се трудиме да утврдиме која е вистината, тој предмет се суди подолго време има повеќе сведоци, вештаци… Така што од наша страна сериозноста по овој предмет е на највисоко ниво – рече Јанева, додавајќи оти не користат странска помош во овој случај, бидејќи истражната постапка е завршена.

Во врска со Пописот од 2011 година, што се споменуваше во прислушуваните разговори, Јанева рече оти тоа е во фаза на истражна постапка.

– Пописот како предмет е во пред истрага, долго време се говореше за тоа и се прибавуваше документација. Има добра и квалитетна истрага, добри и квалитетни докази, не сакам повеќе да споделам со јавноста, судот е тој што треба да го потврди обвинението и тогаш сите заедно ќе слушнеме што се случувало – рече таа.

Јанева претходно во емисијата детално ги образложи шесте истраги што СЈО ги отвори денеска, а во кои има основано сомнение дека се нанела финансиска штета на буџетот на РМ од 80 милиони евра. Меѓу осомничените во најновите истраги на СЈО се Зоран Ставрески, Бујар Османи, Миле Јанакиески, Жарко Луковски, Никола Груевски…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...