Кога некои луѓе не можеа да му го споменат името, ние како СЈО побаравме мерка притвор, изјави вечерва специјалната обвинителка, Катица Јанева за 1 ТВ.
Јанева додаде дека за обезбедување на присуството на Груевски во постапките биле искористени сите правни механизми.
– Ние побаравме притвор за Никола Груевски и ги искористивме сите правни механизми. Очекувам екстрадиција за Груевски, за сега сигурно ќе му се суди во отсуство и ние бараме поинтензивно судење на нашите предмети. Но, ова нема да го поремети текот на судењата. Груевски не е политичар и не е на висока функција. Слободно се движеше низ Република Македонија и контактираше со медиумите. Постапката за екстрадиција ќе трае и се надевам дека Европа ќе изврши притисок и за Груевски, и за Грујевски и Бошкоски, како и за случајот „Монструм – рече Јанева.
Таа нагласи дека првпат СЈО побарало притвор за поранешниот премиер на 12 февруари 2016 година, а потоа и на 30 јули 2017 година.
– Согласно дотогашната и сегашната пракса на Судот за висококоруптивни случаи, СЈО побара притвор за Груевски уште на 12 февруари 2016 година кога ја отвори првата истрага „Титаник“ за изборните нерегуларности. Од страна Основниот суд Скопје 1 беше одбиено нашето барање, ние поднесовме жалба која исто така беше одбиена, а немаше ни определено заштитни мерки. Потоа со подигањето на обвиненијата меѓу кои и за Никола Груевски за „Титаник“ на 30 јули 2017 година повторно побарвме притвор и за него од страна на Кривичниот совет беа определени мерки за претпазливост, односно јавување на обвинетиот еднаш неделно во Судот во Скопје и одземање на пасошот – појасни Јанева.
Посочи дека институциите не треба да си ја префрлаат вината едни на други за бегството на Груевски од државата и додаде дека се искористени сите моменти и предлози пред Судот за тој да биде во притвор. Нагласи дека по бегството ќе побараат раздвојување за сите други постапки кои се водат против него и додаде дека ќе го судат во отстуство.
– Се надевам дека брзо по дипломатски пат Груевски ќе биде вратен назад. Вечерва е издадена меѓународна потерница и очекувам да биде екстрадиран во најбрз можен рок – потенцира Јанева.