Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска му порача на судот да суди според доказите и да не се плаши од тресењето на гаќите што го најави обвинителката Вилма Русковска.
Таа неколку пати повтори дека Обвинителството нема докази за делото за кое ја обвинува и дека таа не се чувстува виновна.
– Одам со крената глава и можам секого да го погледнам во очи – рече Јанева.
Јанева се осврна и на резултатите што ги постигнало СЈО велејќи дека отворило 171 предмет и дека е горда на својата работа и на својот тим што го формирала во СЈО.
– Нема ниту еден сериозен доказ со кој се товари Јанева – рече адвокатката Ирена Фрчкоска.
Бојан Јовановски – Боки 13 во Судот рече дека живеел за денот кога ќе може да зборува, зошто е мета на јавен линч пет месеци за монтиран случај наречен „Рекет“.
– Преку овој предмет се водат политички борби кои паѓаат на мои плеќи. Точно е дека сум невработен и со блокирана сметка кога со јавен линч се уништи еден медиум. Притворот ми го уништи здравјето и ги влоши последиците од двете операции правени во болницата на Јордан Камчев, изјави Боки 13.
За некој да има реално или претпоставено влијание треба да има и реален авторитет, а единствено реално нешто во овој предмет, како што истакна Боки 13, е тоа што синот на Катица Јанева бил вработен во неговиот медиум – 1ТВ.
– Оваа обвинителката има гостувано во мојата телевизија и колку што сум седел во ресторан со третообвинетата, толку сум седел и со надлежната сега обвинителка. Разлика нема – изјави Боки 13.
Ги повикувам, порача Боки 13, меѓународната јавност и амбасадите на САД и Франција да го следат овој процес.
– Ќе сведочам за сите инволвирани во овој настан, ќе сведочам за организаторот и сите помагачи, а преку мојот бранител ќе бидат поднесени соодветни пријави – рече Боки 13.
Претходно, адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски, рече дека не е доволно да се каже оти имало наводно влијание, туку треба и да се праша како е можно еден самонаречен естраден уметник да изврши влијание на главниот јавен обвинител.
– Ова е првпат во историја на Република Македонија за мислење на јавен обвинител да биде покренат цел судски процес. Но најважно е кое дело е извршено со ова наводно дело на извршено влијание, пуштање од притвор – изјави Дуковски.
Предлагаме, рече Дуковски, технички советник, за утврдување на автентичноста и времето и местото на аудио и видео снимките.
– Од предложените докази ќе утврдите дека не е можно да се извршило тоа предавање на парите – изјави Дуковски.
Тој пред Судот посочи дека од материјален аспект не може да се води кривичното дело за перење пари додека не се докаже првото дело.
Следното рочиште е закажано на 6 декември за кога се повикани исказ да дадат сведоците Јордан и Ана Камчеви. Во меѓувреме се чека пресуда за Зоран Милевски Кичеец кој денеска призна вина.