Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжуваа судењето за „Траекторија“, а во ист термин е закажано рочиште за уште предмет на СЈО, „Топлик“, па извесно е дека едно од судењата нема да се одржи бидејќи и во двата предмети обвинет е Миле Јанакиески.
Случајот за постапката за избор на компанија за изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство се наоѓа во доказна постапка.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанелe штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи и ново рочиште за случајот „Топлик“, каде првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.
Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари, односно за милион и 44.000 евра.