Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во случајот ТНТ кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“, сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски, во својата одбрана денеска го спомна и случајот „Рекет“ алудирајќи на бизнисменот Ардијан Амзоски, со тврдење дека овој бизнисмен на Боки 13 му дал 750.000 евра.
– На Боки 13 му дал не 250.000, туку 750.000 евра – рече Јанакиески и додаде дека за ова може да посведочи второобвинетата во случајот „Рекет“, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која сака, како што рече, да ја повика во дополнителна доказна постапка.
– Како е можно, фирма која лани имала вкупен приход од 12 милиони денари, во јануари да му исплати на Бојан Јовановски 15 милиони денари, или околу 250.000 евра. Јанева со една реченица повлече обвинителен акт. Што е тоа, ако не е од лукративни причини. И јас не ја знам вистината, а сакам да ја знам. Сакаме да го прашаме и за кривичните постапки против Фијат Цаноски, кој со законските измени станаа прекршочни пријави. Фијат Цаноски убаво е да признае дека некој му рекол гради, јас ќе ти го легализирам објектот. Никогаш Миле не направил штета на неговата фамилија. Сакам да каже кој што му ветувал – додаде Јанакиески.