Апсењето на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, и уште две лица вработени во општинската адмнистрација, за кои се бара притвор, е дел од обемен случај на обвинителството во кое всушност се обединети четири истраги кои биле отворени во изминатата година. Тие се однесуваат на бесправно градење односно на продажба на државно земјиште и легализирање на објекти, тендери за изградба на плоштад, како и за набавки за обнова на инжењети.
Вкупната сума пари која се споменува во истрагите е над еден милион евра.Како што веќе објавивме, осомничени се и бизнисмени, а дел од спорното земјиште во истрагата се однесува на тоа каде што беше ресторанот „Имес“ на кејот на Вардар.
Јакимовски се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања и за бесправно градење, додека другите двајца за кои се бара да завршат во Шутка, се осомничени само за првото дело. За уште шест лица, пак, се бара одземање на пасошите и забрани за напуштање на живеалиштето.
Додека осомничените се на распит пред судија на претходна постапка, кој треба да се произнесе за притворот, обвинителството и МВР излегоа со детали за четирите истраги кои сега ги спои во една.
Едната од нив била отворена во август лани против пет лица за злоупотреби во три јавни набавки, а месецов истрагата е проширена и за бесправно градење за кое се товари Јакимовски и уште две други лица.
Другата истрага се однесува на случај уште од 2015-та за тендер на Општината за обнова на цветен расад на жардињери, што всушност било во надлежност на Град Скопје.- Во овој случај му овозможиле на правното лице имотна корист на име на јавна набавка во износ од 7.209.600 денари (околу 117.000 евра) без ДДВ на штета на Буџетот на општината – велат од Обвинителството.
Третата истрага која е споена во денешниот случај е за тендер од 2016 година за изградба на плоштадот „Пецо Божиновски Кочо“ на локација на која според Граскиот урбанистички план требало да има улица. Бил прекршен и Законот за јавни набавки и условите од Тендерската документација, а фирмата изведувач се стекнала со корист од 20.970.000 денари (340.000 евра) без ДДВ.
Четвртата истрага споена во овој предмет е најобемна и се однесува на периодот од 2011 до 2017 година. Опфатени се девет лица кои ја злоупотребиле службената положба и овластувања и го прекршиле Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Тоа го направиле на тој начин што во урбанистичките планови дозволиле времени објекти да се внесат како легални. За овој случај се огласи и МВР.
– Преземале дејствија кои не смееле да ги превземат, иако знаеле и согласно својата службена положба и овластувања биле должни да знаат дека објектите за кои што се поднесени барањата за утврдување на правен статус од страна на правните субјекти „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, „ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, како и барањето поднесено од физичкото лице, пријавениот Т.К. всушност не се бесправно изградени објекти, туку биле времени објекти односно монтажно/демонтажни бараки поставени на градежно неизградено земјиште во сопственост на државата и дека согласно законските одредби не смеело да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Сепак, и покрај сето ова, пријавените од Општината постапиле по поднесените барања и спротивно на законот, на времените објекти им дале третман на бесправно изградени објекти, притоа давајќи согласност за вклопување на времените објекти во урбанистичко планската документација – рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Со потпишување на решение за утврдување на правен статус на времените објекти како да се бесправно изградени објекти, на подносителите на барањата им овозможиле да ги запишат објектите во јавните книги за недвижности како легални објекти во нивна сопственост и со тоа да ги исполнат условите да имаат ексклузивно право да извршат откуп на земјиштето.Така, фирмата „Гром Промет“ се стекнала со градежно земјиште од од 1.533 метри квадратни кое во 2016 година имало вредност од најмалку 27.594.000 денари (448.683 евра), а „ЕМАГ“ се стекнала со земјиште од 722 квадратни метри кое вредело 12.996.000 денари (211.317 евра).
– На фирмата „ДОТ Мебел“ ДООЕЛ Скопје и на физичкото лице Т.К., пак, им било овозоможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата за 450 денари по квадратен метар иако доколку се одржело јавно надавање почетната цена би била 300 евра од метар квадратен – информира портпаролот на МВР.