По зголемување на царината за српските производи за 100 отсто од страна на косовските власти, минатиот месец е регистриран раст од 40 отсто на извозот од Албанија во Косово.
Од Царинската управа на Албанија потврдуваат дека обемот на албанска стока кон Косово е поголем за 33 илјади тони или седум милиони долари повеќе во споредба со истиот период минатата година.
– Во ноември лани албанскиот извоз во Косово изнесуваше 81,6 илјади тони, во вредност од 18 милони долари. Во ноември годинава извозот изнесува 114,8 илјади тони и вреди 25 милиони долари – потврдуваат од управата.
Според Николин Јака, претседател на Комората за трговија на Албанија, најголем раст е забележан кај извозот на брашно и градежни материјали.
– Сепак, бизнисите бараат од двете влади да соработуваат за отстранување на бариерите за трговија. Тарифата за скенирање на премините, терминалните и транзитните такси за камиони на патот Драч-Кукуш не е во прилог на зголемување на трговската размена меѓу двете земји – изјави Јака.
Албанските бизниси не го сметаат за времена мерка воведувањето на 100 отсто царински давачки за српските и босанските производи од страна на официјална Приштина.
Николин Јака вели дека добил ветување од страна на косовскиот премиер Рамуш Харадинај и претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весели дека оваа одлука ќе биде долгорочна.
Јака ги повикува албанските бизниси „да се придвижат што е можно понапред за да ја заменат празнината на косовскиот пазар што ја остави српската стока“.
Предлогот на министерот за трговија и индустрија Ендрит Шаља, царинската давачка за српските производи да биде зголемена од 10 на 100 отсто, беше едногласно поддржан од Владата на Косово на седницата одржана на 21 ноември.
ФОТО: Викимедија