Пред почетокот на судењето за насилствата во Општина Центар и за шамарите за ексградоначалникот Андреј Жерновски што ги нарача избеганиот експремиер Никола Груевски, Миле Јанакиески го праша кообвинетиот Александар Трајковски: „Јадеше гулаш, а?”, јавува СДК.мк.
– Јадев бе, зошто да не јадам. Има, дана за мегдана – му одговори Трајковски.
Никола Груевски кој исто така е обвинет во овој случај, пред еден месец за првпат беше фотографиран во Будимпешта, од страна на новинар на „Гардијан“. На фотографијата позади избеганиот експремиер беше и Александар Трајковски, кој тогаш земал боледување од работното место во Царинската управа.
По неговото враќање, од Царина отворија и дисциплинска постапка против него, како и против уште еден нивен вработен кој подоцна беше фотографиран во ресторан со Груевски.
Инаку, на почетокот на денешното судење одбраната побара судот да не ги прифати доказите оти поголем дел од нив биле без архивски број и заверени.
Судот предложи да се продолжи со рочиштето, а одбраната на следното судење да поднесе приговор.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски презентираше и две аудио разговори. Во една од “бомбите” во разговор од 1 јуни 2013 година меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски се слушна како поранешниот премиер му кажува на Јанакиески “во петок градоначалникот Жерновски да изеде неколку шамари” на што Јанакиески му вика дека може да се изведе тоа и дека ќе организира протест.
Во другата снимка од 13.10.2013 година меѓу Орце Камчев и Миле Јанакиески, Камчев се интересира за состојбата со ДУП-овите во општината.
За насилствата пред општинската зграда во општина Центар на 10 јуни 2013 година, обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и тогашниот советник во општина Гази Баба Александар Трајковски и уште осум други лица.
Тие се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година. Во досегашното судење за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.