Земја со десетина милиони жители, во која приближно 1,5 милиони граѓани имаат годишни приходи повисоки од 50.000 евра и плаќаат прогресивен данок. Земја со околу 3.300 евра просечна месечна плата и во која платите на парламентарните пратеници се само двапати поголеми од платите на учителите во основните училишта. Земја која се смета за една од социјално најправедните и најмалку корумпирани земји, и во која отвореноста се одразува во самата транспарентност на политичката моќ и достапноста на сите информации до јавноста.
Во земјата што ја посочуваме како пример обичните луѓе не се потресуваат премногу кога медиумите ќе објават дека некои директори, банкари или државни чиновници претерале со земање на премногу високи бонуси и надоместоци. Сосема е јасно дека таквите медиумски одгласи се фокусираат врз моралните димензии и вредности, врз етиката како неспорно важно прашање во бизнисот и економијата, и во управувањето со општетството. Но многумина сепак тоа го доживуваат како моментна возбуда на медиумски консументи кои ја преџвакуват вистината дека моќта и политиката секогаш ги следи алчност, која не може целосно да се искорени со високи плати.
Но веќе од наредниот ден мнозинството граѓани се враќаат кон своите секојдневни преокупации, пред сè кон работните обврски, па и кон можностите да се заработи нешто повеќе од дополнителна или прекувремена работа, препуштајќи преку широка осуда во јавноста на незаситното однесување на моќни поединци, и преку работата на надлежните органи и примена на воспоставените контролни механизми, да се одржува рамнотежа во општеството. Земјата на која се однесува еден ваков кус опис на состојбите на најширок општествен план – е Шведска.
Од друга страна пак, во земја каква што е Македонија, во која енормните социјални разлики ја нормализираат сликата за успешните и за аутсајдерите во општетството, во која многумина гладуваат и на никаков начин не се опфатени со механизмите за социјална заштита, во која многумина преживуваат со околу 100 евра пензија или социјална помош, и во која повеќе од 50 отсто од младите ги пакуваат куферите за да се иселат од државата, во исто време беспрекорно функционираат и програми за делење на енормни бонуси и хонорари – исцедени директно од буџетските средства. Може ли тоа да зборува за нешто друго, а не за една бедна провинцијална алчност и деструктивен егоизам? Во таква земја чувството за солидарност и емпатија со маргинализираните и немоќните се постојано потиснати како помалку важно прашање.
Токму затоа и не изненадува, туку, напротив, е сосема очекувана ерупцијата од негативни реакции, навреди и лавна пцости, по објавените податоци за астрономските бонуси на специјалната јавна обвинителка и нејзините соработници. За моралот и етиката како веќе да се смета оти станува депласирано да се води јавна дебата во едно општетство кое и понатаму функционира според свои чудни правила на симбиоза на политиката и економијата, во која помали групи со години наназад учествуваат во поделбата на општетсвениот колач. Останатите премолчено се упатуваат кон решение во кое сè поголем број граѓани го бара излезот – кон масовно иселување.
Сосема е сигурно дека 157.000 евра и во скандинавските земји би се сметале за иритирачки висок бонус на веќе мошне висока плата. Можеби не е упатно да се укажува на извесни споредби, но сепак се чини дека тоа може да помогне доколку зборуваме за можноста да се сфати разумноста во толкувањето на причините за креирање и стимулирање на големите социјални разлики, зад кои неретко се кријат бонуси, надоместоци, дополнителни хонорари, патни трошоци и слични повластици за дополнување на веќе преполнетиот паричник.
Oколу 40.000 евра годишен бонус на Катица Јанева е отприлика на исто ниво како и бонусите на пратенците во Европскиот парламент. Но, за волја на вистината, треба да се рече и тоа дека бонусите и надоместоците насекаде се е прашање кое боде очи. Едно големо новинарско истражување пред извесно време покажа дека многумина европратеници не ги користат свопите обемни бонуси и надоместоци на правилен начин. Станува збор за околу 4.000 евра месечен надомест што европратениците треба да го користат за својата канцеларија, административни потреби и одржување. Но само 133 од 748 европратеници поднеле извештај за киријата на нивната канцеларија. Во некои случаи европратениците навеле дека изнајмуваат канцеларии од своите партии, што значи дека ЕУ-пари се слеваат директно во партиски каси. Други пак надоместоците ги ставале директно на своите банкарски сметки, одбивајќи притоа да ја наведат адресата каде што се наоѓа нивната канцеларија.
Критичарите забележуваат дека месечните надоместоци на европратениците не се наменети да претставуваат некаква дополнителна плата, која некој ќе ја користи за лично збогатување или пак за субвенционирање на националните политички партии. Инаку, на секој европратеник му се остава можност да ги врати назад парите што не се исползувани според пропишаните правила. Но тоа досега го направиле не повеќе од дваесетина пратеници, а парите што ги вратиле во ЕУ-касата изнесуваат само околу 1,5 проценти од вкупната сума на исплатените месечни бонуси во Европскиот парламент.
Алчноста како општествено зло што ги продлабочува социјалните разлики не исчезнува во ниеден систем. Но напорите таа да се ограничи се разликуваат. Можеби е преусилено да се тврди дека алчноста ја стимулираат пред сѐ „културните норми на однесување“ во одредена општествена средина. Повеќето луѓе се сепак задоволни доколку добијат разумна плата, и надоместок, доколку можат да имаат позитивна верба во сигурна иднина, таму каде што живеат и работат.
Тоа е можеби и суштината на ангажманот што треба да произлезе од политиката. Да се „заузди“ алчноста и да се гарантира сигурноста на општествениот развој. Таквото општество е секако подобро, наместо да се дозволи алчноста да ја создава нормата на успехот во општествената хиерархија. Општествениот углед, и жртвата што се дава како придонес кон развојот на подобро општество во кое „доаѓа живот за сите“, најчесто не се мери и вреднува исклучиво – со пари.
Алчноста е корен на сите зла, вели старата поговорка. Особено ако добиениот општествен статус од кој јавноста очекува многу, во јагмата за бонуси и надоместоци се крие зад кулиси поставени на кревки, стаклени нозе.