Јавното насилство создава јавни соби!

Ние градиме нездраво општество. И баш поради тоа постојано се прашувам, зарем во таа група Јавна соба немало женски членови, немало ли некој татко, немало ли некоја мајка, немало ли некој на кој му се гадело од тие слики? Немало ли некој со здрав разум да крикне, да викне, да пријави, да преземе нешто за заштита на жртвите? Толку ли станавме нелуѓе?

2474

И дури сме преокупирани и сите секојдневно се занимаваме со анализа на политичката состојба, додека бистриме политика и се вжештуваме за едните или за другите, полека покрај нас се појавуваат аждери пострашни дури и од црно-белиот свет на политиката и на двете партии.

Неверојатно е дека ретко кој е загрижен за страшните појави на насилство и дискриминација, особено дискриминација и насилство врз послабите, нејаките, оние од маргините, жените, дури и децата. Ова насилство кое ни е пред очи и кое и тоа како е поважно од мерењето на рејтингот и плукањето по спротивната партија, сè почесто не го гледаме, при очи сме слепи, при уши глуви…. И иако сметаме дека грабиме напред во цивилизацијата и дека можеби сме мрднале чекор напред кон „слободата”, сепак мислам дека уште многу време ни треба за да се ослободиме, и тоа пред се од сопствениот „страв” и „срам”!

Ќе тргнам од самата себе. Иако, ако прашате, некој ќе ви рече дека сум ептен храбра, искрено се мислев и премислував и ми требаше подолго време за да одлучам дали некогаш би зборувала на оваа тема јавно. Можеби немаше да го напишам и овој текст, ако со особено внимание не го следев она што и се случи на новинарката, која беше цел на закани и беше малтретирана со пораки на социјалните мрежи. Можеби немаше да го напишам, ако не видев дека има поддршка токму од жени и дека е нормално да не го блокира телефонот или профилот на оној кој вознемирува, за моментално да го спречи вознемирувањето (како што сите добиваме совети при такви ситуации), туку дека треба да се има храброст и да се зборува гласно.

Бидејќи само така ќе се стави крај на вознемирувањето. Крајот на вознемирувањето е можен само кога вознемирувачот ќе се соочи со санкции. Ваквиот епилог на казнување на вознемирувањето е битен, бидејќи секоја жена барем еднаш била во ситуација кога и се заканувале или ја вознемирувале на социјалните мрежи, или на сличен начин, ама прво помислила дека оние од нејзина близина ќе ја „нападнат” со коментари од типот „а оти не го блокираш туку му враќаш”, „никој не пиши без да го испровоцираш”, „ништо нема да ти напрај само сака да те уплаши малку, игнорирај го”…

Да, точно знајме голем број од нас какво е чувството кога ќе добиеш заканувачка порака и кога ти се треси цела душа, ама си велиш поарно е да јигнорираш и да поќутиш,8 оти нема ништо да се смени. Ама храброста на друга жена и поддршката кога ќе ја добие од други жени дава секогаш надеж дека не треба да се поќути, (молчењето одамна не е злато, а гласното зборување е најдобриот пат до целосната слобода на општеството, но и до личните слободи на секој од нас).

Во нормалниот свет никој не смее да ве вознемирува, никој не смее никого да вознемирува, мораме да разбериме дека не сме криви ако кажиме, ако проговориме за маката за стравот, „криви” ќе сме ако заќутиме и ако дозволиме истото да и се случи и на друга и да се случува повторно и повторно, некогаш и од ист човек.

За мене е многу болен фактот и што многу често ваквите заканувачи, вознемирувачи, се поддржани од жени, потајно, и тоа баш од жени кои се колнат во родова еднаквост. Да, сум кажала сто пати, не памтам некоја политичарка јавно да застанала во одбрана на друга политичарка, која не е од “нејзината страна”, кога е распната по социјалните мрежи, поради долен веш кој случајно и се видел под фармерките, поради “заводлив” начин на пиење вода, поради „недокажана” афера…

Напротив, молчат, а потајно дури и ја исмеваат и се насладуваат, несвесни дека паричката има две страни и дека тркалото се врти и дека секој може да стане жртва за миг – и тоа ни крив ни должен.

Затоа и не ме чуди ова што се случува со групата Јавна соба, од која сме шокирани и од која се гнасиме, а во која жртви се злоупотребените девојки, и уште пострашно – девојчиња, деца кои стануваат жртви на монструми, да монструми како Џек Мевосек, монструми кои се срам за човечкиот род.

Прашањето кое ме мачи е зошто е тоа така? Дали ние како општество вложуваме или не вложуваме во политики на родово базирано општество? Дали ние воопшто знаеме што значи тоа и колку е тоа битно за секоја од нас? Ние побрзо децата ќе ги “задоиме” со политика отколку со човекови права. Ние не ги учиме нашите деца на солидарност и поддршка, а уште помалку на препознавање на насилството и на нееднаквоста во нивното детство, кога тие најлесно се уништуваат. Ние не ги учиме дека она што некој во тајност ти го дал или доверил е само меѓу вас и никој друг не смее да го има.

Ние градиме нездраво општество. И баш поради тоа постојано се прашувам, зарем во таа група Јавна соба немало женски членови, немало ли некој татко, немало ли некоја мајка, немало ли некој на кој му се гадело од тие слики? Немало ли некој со здрав разум да крикне, да викне, да пријави, да преземе нешто за заштита на жртвите? Толку ли станавме нелуѓе?

Се надевам дека не е така, но ни треба некаква ѕвезда водилка да светне, да нè охрабри за да излеземе од мракот, за да не ни се случуваат вакви работи. Сè додека во нашето општество не се на прво место човековите права, правата на жените, правата на послабите и на нејаките како приоритет, ние не можиме да бараме здраво општество. Ниту денес, ниту утре, ниту никогаш додека не ги разбериме овие вредности.

И на крај, благодарност до храбрите девојки и жени кои служат како инспирација за сите нас, оти и на нас кои изгледаме „храбри”, ни треба поддршка, а најмногу од жени!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...