Јавните сервиси од Западен Балкан во проект да станат вистински сервиси на граѓаните

Проектот има три главни цели - промовирање на европските стандарди и практики во Западен Балкан за независни и професионални медиуми, долгорочни стратегии за реформи во медиумите, како и поддршка на истражувачкото новинарство и регионална размена на дигитализирани архивски материјали.

81

Директорите на јавните сервиси на шесте земји од Западен Балкан – од Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија, потпишаа денеска во Тирана Меморандум за разбирање, со што се отвора патот за нивна соработка во рамки проект на ЕУ вреден 1,5 милиони евра.

Проектот за техничка поддршка на јавните сервиси во Западен Балкан (РТСХ, БХРТ, РТК, МРТ, РТЦГ, РТС), ќе трае две години, а ќе има за цел да го олесни трансформирањето на јавните сервиси од државни медиуми во вистински сервиси за граѓаните – што е еден од еден од приоритетите на ЕУ за Западен Балкан, соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Проектот има три главни цели – промовирање на европските стандарди и практики во Западен Балкан за независни и професионални медиуми, долгорочни стратегии за реформи во медиумите, како и поддршка на истражувачкото новинарство и регионална размена на дигитализирани архивски материјали.

На конференцијата во Тирана каде е потпишан Меморандумот, учествуваат 60 претставници на меѓународни организации, претставници на менаџментот на јавните сервиси, како и од регулаторните тела за медиуми од Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија.

Проектот се спроведува од страна на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) заедно со Европската радиодифузна унија (ЕБУ), Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Австрискиот јавен емитер (ОРФ), Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) и Канцеларијата на европската размена на вести за Југоисточна Европа (ЕРНО).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...