Јавните расправи што треба да се одржат по завршувањето на гласањето за уставните нацрт-амандмани во Собранието, освен во Скопје, да се организираат и во други градови низ Македонија, договорија членовите на подгрупата за интеграции на интерпартиското тело за помирување на денешната седница.
– Се договоривме, покрај во Скопје, МАНУ и другите институции кои што се наоѓаат во главниот град, јавни расправи за нацрт-амандманите да се одржат и во други градови, онаму каде што има универзитетски центри, како Битола, Штип, Тетово, но, можеби и во други градови. Нам пратениците ни е битна јавната расправа за да се види како ќе се одвиваат натамошните активности – изјави пратеникот Јован Митревски од СДСМ, кој раководи со подгрупата за интеграции.
Јавната расправа треба да трае пет дена. Денеска во Собранието беше изгласан третот уставен амандман, а расправата по четвртиот, односно последниот, е во тек.
Попладнево во Собранието седница одржува и подгрупата за реформи на собраниското координативно тело за помирување.
Трите работни групи – за помирување, за интеграција и за реформи, беа формирани на состанокот на собраниското тело за помирување со премиерот Заев на 30 ноември.