Холивудскиот актер Дени Трејо (75), познат по улогата на опасниот тип во филмот „Мачета“, помогнал во спасувањето на мало дете заробено во автомобил кој се превртел во сообраќајка во Лос Анџелес, во средата.
Дани изјавил дека тргнал кај својот автомаханичар кој се наоѓа во населбата Силмар, на северот на Лос Анџелес, кога видел дека возачот со голема брзина минува на црвено и удира во друг автомобил кој се превртува на кров.
Во превртениот автомобил имало постара баба и мало дете. Трејо и уште една жена, Моника Џексон, се здружиле за да го ослободат детето од превртениот автомобил. Детето седело на задното седиште и, како што пишува Си-ен-ен, единствената работа која го спасила било тоа што било врзано во детско седиште.
Моника некако влегла во автомобилот и го ослободила детето, а познатиот актер го извлекол од другата страна.
Актерот рекол дека детето било многу исплашено, и дека морал да го смирува пред да го извлечат.
„Беше исплашен и јас реков: „Во ред, мора да ја употребиме нашата супермоќ“, и тој извика „супермоќ“, па почнавме да го повторуваме тој збор““, се потсетил Трејо и додал: „Некако се поврзавме“.
– Сѐ убаво што ми се има случено, ми се случило како директен резултат од помагање на други луѓе. Сѐ! – рекол Трејо за KABC.
Три лица биле пренесени во болница, а за среќа, никој не бил потешко повреден.