Од 187 колку што беа вчера, денеска бројот на повредени во катастрофалните пожари во Грција се намали на 64 од кои 11 се во сериозна состојба.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, за последната состојба во источниот дел на областа Атика, како во однос на повредените, така и во однос на активните пожари, но и новите владини мерки за поддршка на настраданите, информираше портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.
– Денеска, до 18 часот, ситуацијата на хоспитализираните е следна: хоспитализирани се 60 возрасни лица, од кои 11 се поврзани на апарати и четири деца од кои ниту едно не е во животна опасност, рече Ѕанакопулос и додаде дека и натаму мешани патроли од противпожарната служба, војската и доброволци трагаат по исчезнати лица.
Според портпаролот на грчката Влада, се уште се активни пожарите од понеделникот во источниот и западниот дел на областа Атика.
Противпожарната служба, како што веќе објави МИА, соопшти дека бројот на загинати изнесува 79 лица. Кусо потоа, на повредите им подлегна 84-годишен маж во една од атинските болници, со што бројот достигна 80 загинати, додека пак грчките медиуми, неофицијално, објавуваат дека има уште најмалку една дополнителна жртва.