Ѕанакопулос: Има напредок, но ќе има и нова рунда преговори

291

Во тековните разговори со нашите соседи имаме направено значителен напредок, но сѐ уште не сме блиску до исходот од преговорите и постигнување договор, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор на денешниот редовен брифинг со новинарите и додаде дека токму затоа средбата на двајцата премиери “ќе биде исклучително корисна и важна”.

– Но, во никој случај не можеме да предвидиме дека ќе се постигне договор и многу веројатно дека ќе биде потребна и следната рунда со цел да се покрие дистанцата што ги дели двете страни – рече Димитрис Ѕанакопулос и додаде дека грчката Влада продолжува “стабилно и одлучно да ја брани националната линија за сложено име, што ќе важи за сите, нешто за што предуслов, по дефиниција е ревизија на Уставот”.

Одговарајќи на прашање на дописничката на МИА од Атина, портпаролот на грчката Влада рече дека агендата на средбата на двајцата премиери ќе ги содржи прашањата во целост, што се поврзани со преговорите за името.

Во однос на евентуалниот меѓународен договор меѓу двете земји, што би содржел и како би се имплементирал, Ѕанакопулос рече дека „останува уште доста пат да се изоди за да стигнеме до онаа точка кога ќе разговараме за правно-техничките детали на еден можен Меѓународен договор меѓу двете страни”.

– Во однос на конкретните детали, на условите за создавање на еден меѓународен договор до кој можеби би стигнале, нешто што мислам дека не е веројатно да се случи утре или задутре, очигледно е дека ќе има карактеристика на последователни обврзувања, односно права и обврски кои ќе се прошируваат во иднина. Нема да биде решение, не е можно да биде решение, кое ќе се комплетира со притискање на едно копче. Очигледно е дека во сите билатерални спорови кога стигнуваме до договор, постојат конкретни рокови, конкретни цели, конкретни обврски кои произлегуваат од овие договори и кои треба да се исполнат од двете страни – рече Ѕанскопулос во одговорот на прашањето на дописничкста на МИА од Атина, во однос на тоа дали договорот би имал временски рок за имплементација или Грција бара сѐ да се заврши веднаш.

Од друга страна, пак, портпаролот на грчката Влада повтори дека евентуалниот договор ќе треба да биде комплетен, а на делови и “ќе го опишува начинот на кој ќе стигне до имплементирање на новото име што ќе важи за сите” од страна на нашата земја.

Ѕанакопулос рече дека на пример не може сите документите на една земја да се сменат во една седмица и додаде дека „е очигледно дека ќе се дадат одредени временски рокови, кои ако не се почитуваат ќе има прекршување на договорот”. За други прашања, пак, портпаролот на грчката Влада не сакаше да влезе во дополнителни технички детали, но рече дека кога ќе постои договор ќе се претстават сите детали.

На новинарско прашање доколку се забележи прекршување на договорот, дали Грција претходно ќе има веќе дадено зелено светло за интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ, Ѕанакопулос кусо одговори „не”.

Портпаролот на грчката Влада на денешниот брифинг, кој во поголемиот дел беше посветен на преговорите за името, рече дека потребно е да се разбере начинот на кој се решаваат меѓународните спорови на полето на меѓународните односи.

– На пример, во кипарското прашање, ако претпоставиме дека планот Анан беше прифатен во 2004, договорот ќе се комплетираше сега, 15 години подоцна. Според тоа, кога имаш сложени билатерални проблеми, очигледно е дека тие не се решаваат преку ноќ. Се потпишуваат меѓународни договори што ги обврзуваат страните што ги потпишуваат и страните имаат конкретни обврски кои произлегуваат од меѓународните договори – објасни Ѕанакопулос.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина дека во конкретниот случај со Македонија, за разлика од кипарското прашање, постојат конкретни датуми, крајот на јуни за ЕУ и јули за НАТО и под претпоставка дека дотогаш ќе постои договор, но не и имплементација, дали Грција ќе даде зелено светло за нашата земја, Ѕанакопулос рече дека сѐ ова навлегува во суштината на преговорите меѓу двете земји и не сакаше да даде дополнителен коментар.

Во однос на нашата европска и евро-атлантска интеграција, Ѕанакопулос повтори дека предуслов е решение на прашањето за името со одржлив договор.

За текот на разговорите и за последните случувања во преговорите утрово, меѓу другото разговарале, грчкиот премиер Алексис Ципрас со министрите за надворешниработи и одбрана, Никос Коѕијас и Панос Каменос.

На новинарско прашање, портпаролот на грчката Влада одговори дека не ја исклучува можноста, доколу има нешто ново или некаква разврска во преговорите, Ципрас да ги информира лидерите на политичките партии како што беше случај во јануари по средбата со премиерот Заев во Давос.

Во однос на натписите во медиумите во Грција за гласање на евентуалниот договор во грчкиот Парламент со зголемено мнозинство, Димитрис Ѕанакопулос рече дека владата ќе се стреми кон најголем можен консензус за парламентарна поддршка, но тоа не значи дека поставува нумерички граници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...