Ѕанакопулос: Договорот од Преспа ќе се ратификува со над 151 глас

294

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за радиото „Њуз247“, уште еднаш повтори дека во грчкиот Парламент постои мнозинство за ратификација на Договорот од Преспа и објасни дека неколку дена по гласањето, ќе се ратификува и протоколот за влез на Македонија во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.

– Целта на Владата, но и парламентарните корелации онака како што се формирани во овој момент покажуваат дека Договорот од Преспа ќе се ратификува со над 151 глас, како што е и потребно – истакна портпаролот на грчката Влада и министер без ресор.

Ѕанакопулос ги демантира шпекулациите и сценаријата дека протоколот за членство на Македонија во НАТО би се ратификувал по изборите во Грција, коментирајќи дека „тие информации немаат никаква врска со реалноста“.

– Протоколот ќе се ратификува по неколку дена од моментот кога Договорот од Преспа ќе дојде за ратификација во Парламентот, штом ќе биде изгласан токму со апсолутно мнозинство пратеници, а очигледно е дека тоа е целта на Владата. Самиот премиер во разговор со новинарите разјасни дека сето она што се споменува за веројатно префрлање на гласањето на протоколот за влез во НАТО по изборите е апсолутна глупост – рече Ѕанакопулос.

Тој изрази надеж дека најмалку четири пратеници на Река, меѓу кои и лидерот на партијата, ќе гласаат за ратификација на договорот.

Во однос на веројатноста Нова демократија да поднесе предлог за гласање недоверба на Владата, Ѕанакопулос коментираше дека таквата иницијатива е добредојдена.

– Очекуваме господинот Мицотакис да го повтори потегот што го направи лани во јуни за да го добие истиот одговор – рече Ѕанакопулос во интервјуто за радиото и објасни дека и со евентуалното повлекување на Независни Грци од коалицијата, во никој случај нема да има недоверба за Владата од Парламентот.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...