Десет работници од ЈП „Комунална хигиена“ дневно се ангажирани за расчистување на дива депонија во приватен двор на улицата Блажо Орландиќ, во скопската населба Лисиче. Досега се подигнати и транспортирани приближно 20 кубни метри кабаст и мешан комунален отпад, а активностите ќе продолжат и во следните неколку дена, сè додека локацијата не биде исчистена во целост. Отпадот се подигнува со втоварувач, а се транспортира со три специјални комунални возила, информираат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Акцијата на „Комунална хигиена“ почна вчера по пријава од комунална инспекција на Град Скопје.
Во врска со тоа која е казната за овој прекршок и колку ќе плати сопственикот на овој двор, од ЈП „Комунална хигиена“ велат:
– Нема платено сѐ уште, а ние постапуваме со налог од комуналниот инспекторат на Град Скопје, кој со пријава ни наложи да го подигнеме отпадот. Ние не казнуваме, има патрола за тоа, само го собираме отпадот и го отстрануваме. Но ова не е најголемиот отпад што нашите екипи го отстраниле – во октомври лани сме имале акција за 300 метри кубни отпад од неколку двора од три семејства исто така од Лисиче! Тоа се води како приватен отпад, а кој носи голема опасност и од ширење зарази бидејќи ветрот го разнесува во околината, што е сериозна закана по здравјето. Не знам дали овие семејства се казнети за овој прекршок, бидејќи секое одлагање на отпадот вон контејнерите е кршење на Законот и подлежи на казнување – ни изјавија од ЈП „Комунална хигиена“ Скопје и нагласија дека пролетва имаат многу вонредни активности.
На забелешката дали поради оваа акција ќе трпи редовното собирање на отпадот од градот, оттаму се надеваат дека тоа нема да се одрази на редовните активности за собирање на сметот, иако бара голем ангажман од повеќе работници и од механизација.
Акцијата е во рамки на координираните активности со Инспекторатот на Градот Скопје, а ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и во оваа прилика ги информира граѓаните дека одлагањето на отпадот надвор од поставените садови претставува прекршување на Законот за јавна чистота и истовремено директно влијае врз загадувањето на животната околина.
Комуналните инспектори на Град Скопје треба да одговорат дали е поднесена прекршочна пријава за овие лица, која е казната и колку се плаќа за изнесување еден метар кубен смет од двор.