Ѓубрето зацарува во магичното Бозовце (ФОТО)

273

Ѓубре царува во поранешното магично место, разочарано велат загрижени планинари, по најновата средба со омилената природа. Тие појаснуваат дека овој расфрлан отпад се наоѓа околу два часа пеш од селото Бозовце.

– Сега е направено веќе како излетничко место. Прилично е лесен патот, а може да се оди и со џип. Најверојатно, бидејќи е лесно достапно, доаѓаат многу луѓе за да си прават пикник. Некои од нив, го имаа собрано ѓубрето во кеси, ама тоа не е доволно. Ќе дојде некое животинче и сѐ ќе расчепка – коментираат тие за Плусинфо.

Планинарите апелираат дека луѓето треба повеќе да внимаваат на природата и нејзиното богатство.

– Во странство вакво ѓубре не сме сретнале. Дури пред нас, на лице место, две момчиња фрлија пластично шише без око да им трепне. На планина не сакаме да се расправаме, полесно е ние да го земеме и да го фрлиме. Треба повеќе да се внимава. До совеста на луѓето е, но и до воспитувањето. Претходно, доаѓавме на истото место и немаше ѓубре наоколу. Го сметавме за најмагичното место, а сега се разочаравме. Отидовме да уживаме, а нѐ дочека непријатно изненадување – додаваат тие.

Екологистот Аријанит Џафери од Еко – Герила, рече дека ова е многу лошо за планинскиот туризам.

– Цела Шар Планина е претворена во ѓубриште. Нема село во чиј влез нема дива депонија или ѓубриште. Граѓани фрлаат градежен шут и комунално ѓубре низ планини и шуми. Мислам дека треба да бидат поактивни локалните инспекторати – вели Џафери.

Според него, еден од најголемите проблеми во Тетово е загадувањето на животната средина.

– Како организација, ние имавме неколку акции за чистење на тие шуми, ама ѓубрето пак го фрлаат несовесни граѓани. Мора да се најде системско решение за ова. Треба барем шумската полиција која е поприсутна низ планините да има надлежност или да казни или да пријави. Не само Шар Планина, цело Тетово има проблеми со менаџирање на отпадот и низ градот нема доволно контејнери за фрлање на отпадот. Има улици каде живеат по 2.000 фамилии, а каде има само пет-шест контејнери. Проблемот не е само до свеста на граѓаните. Еко-Герила ја поддржува иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк со што би имало поголема грижа за природата – прецизен е Џафери.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...