Единствено решение за спас на Македонија е непартиски кандидат за претседател кој ќе биде поддржан од партиите и граѓаните. Само непартиски човек треба да стане претседател, порачува Ѓорѓи Манасков, машински инжинер и претседател на Стопанската комора за енергетика кој пред околу две недели поднел кандидатура за шеф на државата на огласот што го објави најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ распиша конкурс за претседателски кандидат, на кој до крајот на јануари можеа да конкурираат сите граѓани, а не само партиски членови.
– Доколку двете поголеми партии одат со свои партиски војници за претседателски кандидат ќе се случи народот да не сака ниту еден, ниту друг кандидат и нема да излезат на гласање, или ќе излезат со многу малку и поделени гласови. А, тоа ќе доведе да нема доволен број на гласови и ќе нема кандидат за претседател. Партиите доколку решат да предложат партиски војник за претседател, ќе го изгубат кредибилитетот пред македонскиот народ. Нема да има 40 отсто излезеност и Владата ќе мора да избере претседател од Собранието – оценува Манасков.
Оттаму, Манасков, добронамерно, како што вели, им препорачува на делегатите или лидерите на партиите добро да размислат дали на конгресот кога ќе избираат кандидат за шеф на државата, им е потребен претседател на Македонија, кој тие ќе го изгласаат како одличен партиски војник, а кој ќе ги изгуби претседателски избори, а партијата ќе го изгуби својот кредибилитет.
До вчера на конкурсот за избор на кандидат за претседател на државата кој ќе ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ стасале осум кандидатури, но како што рече потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, тоа не е конечниот број на апликанти затоа што дел од пријавите би можеле да стигнат и по пошта.
Се очекува утре да бидат познати и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за претседателската трка, откако сите кандидатури ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка. Освен Влатко Ѓорчев и Филип Петровски кои ги обзнанија своите кандидатури, неофицијално како кандидат за претседател на државата се споменува професорката од Правниот факултет Гордана Силјановска која доби поддршка од триесет професори и која, според партиски извори, е еден од најсериозните кандидати. Како неофицијални во претседателската трка се споменуваа и професорите Саво Климовски и Тања Каракамишева, како и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски кој досега нема потврдено дека поднел кандидатура.
Сите пријавени кои ги исполнуваат условите за претседателски кандидат ќе можат да ја презентираат својата програма пред општинските комитети и членови на партијата до 16 февруари кога се очекува конечната одлука на делегатите на Конвенцијата на ВМРО – ДПМНЕ во Струга.